Имињата на децата најчесто ги избираат родителите, а денес сè поретко кумовите. Матичарите, пак, често се изненадени кога ќе се соочат со необични, па дури и бизарни избори на имиња. Но, има и случаи кога возрасни луѓе решаваат да го променат своето име.
„Имало разни ситуации, но највпечатлив ми остана еден случај од пред десетина години. Еден господин во зрела возраст, ниту под дејство на алкохол ниту дрога, поднесе барање да си го смени името во – Отом Потом! Имавме дилеми дали да го прифатиме таквото барање, но бидејќи немаше законски пречки, на крајот тоа и се случи,“ раскажува за Информер матичарка од Нови Сад, која во оваа служба работи повеќе од две децении.
Меѓу необичните имиња со кои се сретнала, таа ги издвојува оние за девојчиња – Миродија, Свила, Егзона, Лира, како и за момчиња – Тимон, Свиленко, Гранит.
„Таквите имиња не се забранети, но се навистина чудни. Според нашиот Семеен закон, родителите имаат право слободно да изберат име за своето дете, но не смеат да дадат погрдно име, ниту име што го навредува моралот или е спротивно на обичаите и сфаќањата на заедницата,“ објаснува таа.
Во минатото, децата често ги добивале имињата според популарни политичари. Така, низ поранешна СФРЈ имало многу Титомир, Југослав, а до 1948 година и Стаљинка, Андреј, Вјечеслав, според тогашните високи функционери на СССР.
Необични имиња неодамна биле забележани и во новосадскиот Дневник, на страницата со распоредот на погреби.
„Видов дека починал човек по име Громико, веројатно единствениот со такво име на овие простори. Тој бил роден во 1948 година, кога бил популарен Андреј Громико, тогаш амбасадор на СССР во САД и Обединетите нации, а подоцна министер за надворешни работи — познат во времето на ’ладната војна‘ како ’Господин нет‘. Не е чудно што добил име по некој советски функционер, но е необично што го добил според неговото презиме,“ вели пензиониран историчар од Архивот на Војводина.
Тој забележал и друго интересно име меѓу починатите Новосаѓани – Филип Македонски, роден во 1958 година, кој, како и Громико, бил погребан на Градските гробишта во Нови Сад.
„И ова презиме ми го привлече вниманието. Според мене, можно е човекот да го променил, бидејќи такво презиме сигурно не постои ниту кај нас, ниту во Северна Македонија или Грција,“ објаснува историчарот, кој признава дека читал читули за да провери дали меѓу нив има негови познаници и пријатели.
„Такво е времето денес. Помалку се дружиме, ги изгубивме контактите. На некого можеби тоа му звучи морбидно, но и тоа се информации,“ заклучува соговорникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата