Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, вечерва во Будимпешта се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на првиот ден од неговата официјална посета на Унгарија.
Главна тема на разговорот беше безбедносната состојба во Европа, при што Милановиќ го повтори својот став за потребата од вложување максимални дипломатски напори за постигнување мир, со што се согласи и Орбан, соопшти Кабинетот на претседателот.

Посетата се одржува на покана на унгарскиот претседател Тамаш Суљок, со кого Милановиќ се сретна претходно во текот на денот.
Средбата со премиерот Орбан беше последната точка од програмата на првиот ден од посетата.

Ден на Хрватите во Унгарија и посета на Барања
Утре, двајцата претседатели, Милановиќ и Суљок, ќе бидат во Печ, каде што ќе учествуваат на централната прослава на Денот на Хрватите во Унгарија. Прославата, исто така, ја одбележува 30-годишнината од основањето на хрватската државна самоуправа и 35 години активност на Здружението на Хрвати во Унгарија.
По програмата во Печ, претседателите ќе ја посетат Хрватска, поточно општините Биље и Копачево во Осиечко-барањската жупанија, каде што ќе се сретнат со претставници на унгарското национално малцинство.
Фото: Кабинет на претседателот на Хрватска
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата