Две лица се убиени, а две се во животна опасност како последица на престрелка во Скадар, Албанија, соопшти полицијата.
Имено, отворен бил оган врз автомобил со кој се движеле Хамза Лици и Арлинд Бушати. Лици, за кој полицијата вели дека е „познато име во светот на криминалот“, бил убиен на место, а Бушати, синот на поранешниот кандидат на Демократската партија на локалните избори Џемал Бушати, бил тешко повреден и е во животна опасност.
По пукањето, автомобилот во кој се превезувале Лици и Бушати удрил во моторцикл на кој се возел брачен пар, случајни минувачи. Жената починала, додека мажот е тешко повреден и е, како и Бушати, во животна опасност.
Формирана е специјална истражна група и под раководство на обвинителството интензивно продолжува истрагата за расветлување на околностите на престрелката.
Првичните информации од медиумите тврдат дека ова е продолжение на крвната одмазда помеѓу две завојувани криминални групи/семејства, Лици и Бајри. Информациите велат дека откако започнал конфликтот меѓу нив во 2017, најмалку 20 лица се убиени во меѓусебните пресметки.
Бушати пред неколку дена пријавил во полиција дека две лица кои не ги идентификувал му се заканувале со огнено оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата