„Кока-кола“ бележи пад на продажбата, а главна причина е потрошувачкиот бојкот на американските компании поради поддршката на САД за Израел. Организаторите на рекламната кампања во Јужна Азија се обидоа да ја оддалечат Coca-Cola од Израел, но овој обид заврши неуспешно и стана пример за некомпетентна рекламна комуникација, пишува Вашингтон пост.
Кога летово продажбата на Кока Кола почна да опаѓа во делови од Блискиот Исток и Азија поради бојкотите поради наводните врски на корпорацијата со Израел, нејзината подружница во Бангладеш започна скапа рекламна кампања во која учествуваше познатата телевизиска ѕвезда од земјата.
Актерот Шараф Ахмед Зибон играше продавач кој ги уверуваше клиентите дека Кока-Кола не е израелски производ и ги потенцираше врските на компанијата со муслиманските заедници.
„Има дури и фабрика за кока-кола во Палестина“, се вели во огласот на група момци кои потоа лакомо го пијат пијалокот.
Меѓутоа, тука настана проблемот. Се покажа дека т.н палестинската фабрика е всушност израелска компанија за флаширање безалкохолни пијалоци која работи во израелска населба во Источен Ерусалим, која се смета за нелегална според меѓународното право.
Лажната изјава на огласувачот веднаш предизвика негативна реакција и уште поголемо незадоволство од Кока Кола. Компанијата веднаш ја отстрани рекламата од сите телевизиски канали и сметки на социјалните мрежи. Во официјалното соопштение во врска со скандалот, компанијата промоцијата ја нарече несреќна грешка.
Инцидентот ја нагласува несигурната позиција во која се наоѓаат американските компании додека се обидуваат да го избегнат гневот на јавноста поради воената и политичката поддршка на Вашингтон за израелската офанзива во Газа.
Светски познатите американски брендови како Кока-Кола, Мекдоналдс, Старбакс и КФЦ забележаа пад на продажбата во регионите на бојкот.
Акциите на Мекдоналдс паднаа за околу 4 отсто во февруари, откако компанијата пријави пад на продажбата на Блискиот Исток, поради што ги пропушти целите за профит за четвртиот квартал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата