Добриот ноќен сон е основа на здрав живот, а за жал, тоа е и желба на многумина кои имаат проблеми со спиењето и тешкотии при заспивањето.
Постои техника што ја користат пилотите, имајќи предвид дека тие се постојано во движење, менуваат временски зони и понекогаш им е многу тешко, без разлика колку се уморни, да заспијат. Таа нивна техника за заспивање стана вирална на социјалните мрежи.
Станува збор за таканаречената техника „Алфа мост“, која е развиена од американската морнарица за да им помогне на пилотите брзо да заспијат квалитетно.
Психологот и тренер за ментално здравје Ерика Тербланш е одговорна за популаризацијата на оваа техника на TikTok, која во едно видео објаснува како да се примени техниката „Алфа мост“ преку неколку едноставни чекори.
Основата на техниката „Алфа мост“ за релаксација и заспивање се базира на свесно дишење и алфа мозочни бранови - оние што се генерираат кога нашиот ум е опуштен, но сепак буден, што го објаснува самото име.
Накратко, тоа е когнитивната активност што ја доживуваме пред да заспиеме, а која е поврзана со состојби на длабока смиреност. Целта на оваа техника е брзо да се ребалансира автономниот нервен систем, делот од периферниот нервен систем кој ги контролира функциите на внатрешните органи, како што се срцето, желудникот, цревата и некои мускули.
Како се применува оваа техника?
Техниката се применува со изведување на одредени движења на очите и процесот на контролирано дишење, што во комбинација води до природен процес на смирување и заспивање. Оваа техника ни овозможува да го „хакираме“ мозокот, што е особено корисно кога не можеме да заспиеме на ново место, како што е хотел, воз, авион или во непозната средина.
Ова се чекорите што треба да ги примените:
1. Сместете се удобно во вашиот кревет или седиште
2. Затворете ги очите и бројте до 30. Кога ќе завршите со броењето, вашиот мозок треба да биде малку порелаксиран, а очните капаци треба да се чувствуваат потешки
3. Отворете ги очните капаци малку, како полумесечина, и бројте до 5
4. Потоа повторно затворете ги очите целосно и бројте до 30
5. Отворете ги очните капаци малку, како полумесечина, и бројте до 5
Повторно затворете ги очите и фокусирајте се на дишењето, обрнувајќи внимание на воздухот што влегува и излегува од носот.
- Повеќето луѓе заспиваат во првиот циклус - рече тренерот за ментално здравје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата