logo
logo
logo

Само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид

Кирил и Методиј го изградија духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот

Vecer | 24.05.2026

Кирил и Методиј го изградија духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот

Малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа! Такви се солунските браќа, творците на глаголицата, објавувачите на божјата вистина на старословенски јазик, втемелувачите на сесловенската историја, описменувачите и просветителите на словенските народи, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

-Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство. Колку ли благодарни треба да им бидеме за се уште живото и почитувано слово, без кое, ниту оние пред нас, ниту ние, не ќе можевме да ги разбереме богослужбените книги, ниту да читаме, учиме, пишуваме и твориме, односно да се просветуваме и просветлуваме. Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот. Впрочем, само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид. Да потсетам, во деветтиот век, кога писменоста била привилегија, а словото орудие на духовна и политичка доминација, светите Кирил и Методиј ја започнуваат својата просветителска мисија меѓу словенските народи како апостоли на писменоста, знаењето и духовната еманципација, вели таа.

Нивниот подвиг не се состои само во создавањето на азбуката, туку во отворањето можност словенскиот човек, сопствената мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како близок и свој, борејќи се за него и бранејќи го.

-Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето, од генерација на генерација. Во време на неизвесност, длабоки поделби и сè поизразена отуѓеност, 24 Мај нè потсетува дека без култура, образование и наука, но и без вредносен систем, ниту едно општество не може да изгради меѓусебна доверба и заедништво, посочува претседателката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk