Лавот што го нападна директорот на кримскиот сафари-парк Тајган, Олег Зубков, немал намера да нападне, изјави Татјана Алексагина, претставничка на институцијата.
„Лавот не сакаше да нападне. Тоа е млад, активен лав. Не е грешка на Олег Алексеевич или глупост на лавот. Едноставно се случи - ненадеен звук, страв“, рече Алексагина.
Лавот го каснал Зубков двапати по тилот, а го повредил и со канџа на ногата и под левото ребро.
„Исходот можеше да биде каков било. Тоа е диво животно. Се подготвувавме за најлошото, иако виталните органи не беа засегнати“, додаде Алексагина.
Според неа, еден од посетителите помогнал да се спаси дирекорот по нападот.
„Имаше многу луѓе на мостот, но само едно лице, гледајќи дека не можам сама да го кренам ослабениот Олег Алексеевич и да го однесам три метри до автомобилот, не се исплаши. Тој човек е херој“, нагласи таа.
Зубков често објавуваше видеа со животни на социјалните мрежи.
„Грубо кршење на безбедносните правила“
Нападот се случил на 22 јуни. Зубков претрпел повеќекратни повреди и веднаш бил опериран во регионална болница. Според последните информации, тој се освестил и веќе може малку да зборува.
Истражниот комитет смета дека нападот се случил поради грубо кршење на безбедносните правила од страна на вработените, поради што е покрената кривична постапка.
Сафари паркот Тајган е приватен парк за лавови во окупираниот Крим и најголем во Европа според бројот на предатори. Тоа е дом на околу 60 лавови, вклучувајќи албино лавови, повеќе од 50 тигри и стотици други животни. Објектот се простира на површина од 32 хектари, од кои околу 20 хектари се наменети за лавови.
Во 2023 година, друг лав нападнал и убил вработен во паркот.
Стана познат по кражбата на украински ракун
Нападнатиот Олег Зубков претходно беше познат по кражбата на ракуни од зоолошката градина во Херсон. Херсонскиот ракун, понекогаш нарекуван едноставно Херсон, бил украден од истоимениот град во ноември 2022 година. Кражбата се случила за време на руското повлекување од Херсон за време на руската инвазија на Украина.
Зубков потоа изјави дека го однел ракунот, заедно со неколку други животни, од Херсон во неговиот сафари парк на Крим за да ги заштити од војната.
Во Украина, животното стана предмет на сатирични мемиња, додека во Русија се користеше за подигнување на моралот и како средство за проруска пропаганда. Во декември 2022 година, ракун го касна Владимир Салд, гувернерот на руската администрација на Херсонската област.
Сергеј Брачук, портпаролот на украинската воена администрација на Одеса, саркастично понуди размена на ракуни за десет руски воени заробеници.
На веб-страницата на Кабинетот на претседателот на Украина беше покрената петиција со која се предлага ракунот да се замени со споменик на Катерина Велика во Одеса, а до 22 ноември 2022 година беа собрани повеќе од 6.500 потписи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата