logo
logo
logo

Најголемиот американски носач на авиони во Норвешка. НАТО: „НЕ ГО ГЛЕДАТЕ ОВА СЕКОЈ ДЕН“

Vecer | 28.09.2025

Најголемиот американски носач на авиони во Норвешка. НАТО: „НЕ ГО ГЛЕДАТЕ ОВА СЕКОЈ ДЕН“

Втора ноќ по ред, неидентификувани беспилотни летала летаа над данското небо, потврди данското Министерство за одбрана. Ова е најновиот во низата инциденти што беа регистрирани оваа недела над воените бази, а поради кои и аеродромот во Копенхаген беше привремено затворен.

Како одговор на сè почестите закани, НАТО објави зајакнување на својата мисија во Балтичкото Море со испраќање противвоздушна фрегата и дополнителни средства за мониторинг и надзор.

Најголемиот носач на авиони во светот во Норвешка

Вечерва, на својот официјален X профил, НАТО објави фотографија од најголемиот носач на авиони во светот како плови во норвешките води.

„Ова е нешто што не се гледа секој ден. Најголемиот носач на авиони во светот, американскиот USS Gerald R. Ford, плови во Ослофјорд“, се вели во соопштението на НАТО.

Слични инциденти беа регистрирани и во Норвешка, каде што неидентификувани летала беа видени во близина на воените бази, а полицијата продолжува да ги истражува инцидентите во воздухопловната база Орланд.

Мисија на Балтичката стража

„Припадниците на вооружените сили ја информираат полицијата во вакви случаи, а нивниот безбедносен тим го забележал леталото. Прво бевме известени за набљудување со дрон јужно од пистата. Таму имаме низа предупредувачки знаци и зелени и црвени светла, а потоа истото се случи северно од пистата“, рече Матис Хамборг од полициската управа Тронделаг во Норвешка.

Овие потези ќе ја зајакнат мисијата „Балтичка стража“, која беше лансирана уште во јануари по низа оштетувања на телекомуникациските кабли и гасоводите на морското дно. Сè се случува само неколку дена пред самитот на Европската политичка заедница, кој ќе собере 44 европски земји во четврток во Копенхаген, додека НАТО бара соодветни одговори на новите закани.

„Работиме на мерки против дронови“

„Работиме на развој на мерки против дронови во соработка со Врховната команда на НАТО за трансформација во Норфолк, САД. Ги разгледуваме сите можности за справување со овој вид закана. Секако, сега си ја работиме работата со авиони Ф-35, и Ф-18 и други средства. Но, се стремиме кон нешто што, би рекол, е избалансирано во споредба со заканата кога станува збор за трошоците“, објасни адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО во Рига.

Вежби и нови технологии

Многу од технологиите за неутрализирање на дронови беа презентирани во изминатите неколку дена во областа на Хамбург, Германија, каде што се одржа вежба што вклучуваше воени и цивилни компоненти.

„Еве еден пример за дрон што треба да се неутрализира, и тоа во урбана средина. Со нив мора да се ракува поинаку отколку на отворени простори. Мора да се осигураме дека никој нема да биде повреден, дека нема колатерална штета и затоа дронот што го покажавме е погоден за урбани средини бидејќи не станува збор за кинетика и муниција, туку за заробување и контролирано слетување“, објасни капетанот на Бундесверот Курт Леондар.

Новите технологии на Алијансата беа тестирани и на локации во Португалија и Холандија, каде што беа експериментирани дронови во воздух и под вода.

„Дали го видовте инцидентот во Полска? Мора да испраќате многу скапи авиони против многу евтини дронови, а истото е и на море. Значи, со многу евтини машини направени со 3Д технологија, можеме да ги постигнеме потребните ефекти за да го намалиме товарот врз економијата“, рече контраадмиралот Масимилијано Роси, началник на Командата за специјални операции на НАТО во Троја, Португалија.

Веднаш до местото на вежбата, има и објект каде што се произведува најсовремена технологија и се прилагодува на она што експертите го набљудуваат за време на тестирањето. Интересно е што некои од технологиите што се испитуваат се инспирирани од воздушни битки од пред повеќе од еден век, од времето кога цепелините владееле со небото.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk