Европската Унија се обидува да формира заеднички став околу нов трговски договор со Соединетите Американски Држави, бидејќи се наближува истекот на привремената пауза на царините што ја воведе Доналд Трамп.
САД планираат воведување 50% царина на најголем дел од производите од ЕУ, но Унијата се надева дека ќе успее да го намали овој данок на 10%. Европската комисија најави дека размислува за привремен договор со САД со цел да се намалат царините на ова ниво.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека целта е да се постигне „договор во принцип“ со САД.
Она што го целиме е договор во принцип, бидејќи во рок од 90 дена не може детално да се изготви сеопфатен договор.
Таа додаде дека Европската комисија се подготвува и за сценарио каде нема да се постигне договор, истакнувајќи: „сите алатки се на маса“.
Сакаме договор постигнат со преговори, но истовремено се подготвуваме и за можноста да не дојде до задоволителен исход. Ќе ги браниме европските интереси – сите опции се отворени.
Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, оваа недела одржа средба со американски претставници во Вашингтон, каде што, според него, бил остварен напредок. Разговорите продолжуваат и за време на викендот.
Постигнавме напредок кон договор во принцип во последниот круг од преговорите и Комисијата ќе продолжи со разговори со САД викендов.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, по средбата со еврокомесарот за трговија, Марош Шефчович, изјави дека е можно да се постигне договор.
Ќе видиме што може да се постигне со ЕУ. Ќе има уште многу трговски договори.
Во замена за 10% унифицирана царина, ЕУ бара дополнително време и отстапки за сегашната 25% царина на автомобили, која најмногу ја погодува германската автомобилска индустрија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека сака „брз и едноставен“ договор.
Подобро е да се постигне брзо и едноставно решение, отколку да се влезе во долги и сложени преговори кои ќе траат со месеци.
Мерц додаде дека договорот е потребен со цел да се ослободат европските компании од високи царини, и посочи дека преговорите всушност се за брзо решавање на спорот, а не за долгорочен договор со детални услови.
Според медиумите, евентуалниот првичен договор ќе биде краток и нема да има правна обврска. ЕУ има интерес за намалување на царините и за други сектори, како што се фармацевтиката, алкохолни пијалаци, полупроводници и комерцијални авиони.
ЕУ веќе има усвоено тарифи на стоки од САД во вредност од 24,7 милијарди долари, кои може да бидат активирани како одговор на американските царини на метали. Овие тарифи ги погодуваат клучни американски држави и индустрии, како сојата во Луизијана, живинарството, земјоделски производи и мотоцикли, а се подготвени и високи царини за авиони од Boeing, автомобили од САД и бурбон.
Доналд Трамп најави дека на 4-ти јули ќе бидат испратени писма со предлог тарифи до неколку земји, велејќи дека тоа е „многу полесен начин“ за постигнување трговски договори.
Потпишав неколку писма кои ќе бидат испратени во понеделник, веројатно до 12 држави. Различни суми, различни тарифи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата