logo
logo
logo

ПРВО ОБРАЌАЊЕ НА АСАНЖ: Слободата на говор е на „темна раскрсница“, новинарите да не се гонат затоа што ја вршат својата работа

Vecer | 01.10.2024

ПРВО ОБРАЌАЊЕ НА АСАНЖ: Слободата на говор е на „темна раскрсница“, новинарите да не се гонат затоа што ја вршат својата работа

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (53) денеска изјави дека е ослободен од затвор затоа што се изјаснил за виновен за новинарство, а не затоа што функционирал правниот систем, објави Гардијан.

Тој им рече на европратениците дека признавањето на вината по обвиненијата за шпионажа на САД е неопходно бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода не се доволни, пишува Гардијан.

„На крајот, ја избрав слободата наместо неостварливата правда. Денеска сум на слобода по години во затвор поради тоа што се изјаснив за виновен за новинарство“, изјави Асанж пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа на ПССЕ во Стразбур во своето прво јавно обраќање по неговото ослободување во јуни.

Тој рече дека се надева оти неговото денешно сведочење може да послужи да ги истакне слабостите, постоечките мерки за заштита и да им помогне на оние чии случаи се помалку јавни, но се исто толку ранливи.

Асанж рече дека слободата на говор е на „темна раскрсница“.

„Се плашам дека ќе биде предоцна доколку институциите како Парламентарното собрание на Советот на Европа не ја разберат сериозноста на ситуацијата. вистината живее и дека гласовите на многумина не се замолчуваат од интересите на неколкумина“, рече тој.

Тој истакна дека новинарите не треба да бидат прогонувани затоа што ја вршат својата работа.

„Новинарството не е криминал“, нагласи Асанж.

Асанж беше обвинет дека од 2010 година преку Викиликс објавил околу 700.000 доверливи документи поврзани со воени и дипломатски активности на САД.

Од 2019 година беше во високо обезбедуван затвор во Лондон, а претходно седум години мина во еквадорската амбасада во Лондон со цел да избегне негова испорака на Шведска поради обвинувања за сексуална присила, кои подоцна беа отфрлени.

Џулијан Асанж го основа Викиликс во 2006 година. Платформата се смета себеси за „нецензурирачко вики за масовно објавување и анализа на тајни документи со кои не може да му се влезе во трага на испраќачот“.

Викиликс објавува бројни тајни документи кои откриваат нелегални активности на влади и компании. Во 2009 година, Асанж ја доби наградата за медиуми на Аменсти Интернешнел за својата работа. Потоа следуваа уште награди.

Во април 2010 година, на Викиликс беше објавено видео со наслов „Колатерално убиство“. Станува збор за снимка од хеликоптер на американската армија распореден во Багдад за време на војната во Ирак во 2007 година. Може да се види како хеликоптерот кружи околу цивилите и од него се пука. Меѓу жртвите има и двајца новинари на агенцијата Ројтерс. Еден од нив носи камера, која американските војници наводно ја помешале со оружје и отвориле оган.

Покрај видеото, Викиликс истата година објави стотици илјади други тајни воени документи на САД кои се однесуваат на војните во Ирак и Авганистан и кои,како што рече Асанж на прес-конференција во Лондон во тоа време, докажаа „јасни воени злосторства“.

Документите доаѓаа од Челси Менинг, која во тоа време - пред промената на полот - ги анализирала податоците како Бредли Менинг во американската армија. Менинг подоцна беше осуден на 35 години затвор за шпионажа и предавство, но во 2017 година беше помилуван од тогашниот американски претседател во заминување Барак Обама.

Според САД, Асанж загрозувал животи со ширење државни тајни.

Паралелно со настаните околу Викиликс, беше објавено дека две Швеѓанки го обвинуваат Асанж за сексуално вознемирување. Јавното обвинителство во Стокхолм издаде налог за апсење и поднесе барање за екстрадиција до Велика Британија. Асанж беше уапсен во Лондон на крајот на 2010 година. Тој ги негираше обвинувањата и беше пуштен со кауција. Но, тогаш започна сагата.  Високиот суд во Лондон го одобри барањето за екстрадиција на Шведска во 2012 година, Џулијан Асанж се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што доби политички азил.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk