logo
logo
logo

БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ: Децата во публика кои пеат во еден глас и скандираат Македонија - тоа е семето кое сега го садиме

Vecer | 25.09.2023

БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ: Децата во публика кои пеат во еден глас и скандираат Македонија - тоа е семето кое сега го садиме

За мене најемотивен момент се децата во публика кои пеат во еден глас и скандираат Македонија… е тоа е семето кое сега го садиме, за иднината на оваа земја, да ја сакаат својата земја и да бидат горди од каде потекнуваат, вели Бојана Скендеровски, која во склоп на проектот „Македонијо во срце те носиме“ ја отпеа неофицијалната химна на Македонците како што ја нарекуваат „Заветна“ на легендарниот Пепи Бафтировски. Во склоп на караванот Бојана пред публиката „Заветна“ досега ја отпеа во Штип, Битола и Велес и вели горда е што засега имаат полни плоштади и среќен и мотивиран народ, деца кои пеат за Македонија, а тоа е и целта за реализацијата на овој проект…

„Стравови и трема секогаш постојат кога сакаш сѐ да е беспрекорно, најмногу се плашам каква ќе е временската прогноза за да издржиме до 11октомври со стабилно време“, вели Бојана, која заедно со колегите кои се дел од овој проект, кој има за цел заживување на убавата македонска песна, во среда ќе пеат пред прилепчани.  

САКАВМЕ ДА ГО ОХРАБРИМЕ НАРОДОТ ДА ВЕРУВА ВО СЕБЕ

Она што е актуелно неколку месеци е проектот „Македонијо во срце те носиме“ ајде да почнеме од тоа како дојдовте до идејата за негова реализација?

Бојана: Проектот „Македонијо во срце те носиме“ се роди сам по себе, едноставно почувствувавме дека ние како уметници треба да пратиме порака, повеќе од потребно беше да го дигнеме македонскиот дух, кој упорно внатрешни но и надворешни фактори пробуваат да го скршат. Решивме да го охрабриме народот да верува во себе, да го чува своето како што тоа го правеле и генерации пред нас, преку нешто што никогаш не може да го снема, а тоа е песната.

Колку беше тешко да се подготви теренот, да се одберат пејачите и дали сега после сѐ, откако сѐ, би се рекло, оди како подмачкано, се најде во ситуација некој колега да те побара и да рече не требаше да кажам НЕ?

Бојана: За наша огромна среќа скоро сите пејачи кои ги поканивме прифатија без размислување, но имаше и неколкумина кои нѐ одбија од нивни приватни причини, не ми се јавиле да ми кажат дека се каат, но лично претпоставувам дека се каат што не се помеѓу македонскиот народ на концертите. Ова е обемен проект, 12 песни, 12 видеа, 8 концерти, голема екипа која е логистика, но кога се сака се сѐ може. Морам во овој момент да се заблагодарам на нашиот продуцент Васко Скендеровски кој стои позади целата логистичка екипа која го реализира сето ова. Благодарам на секој поединец кој даде придонес ова да изгледа вака, од видео екипата, аудио екипата на чело со Николче Мицевски, ПР тимот на Александра Тимковска, графичките дизајнери, фотографите, екипата која е дел од бинско-сценскиот сегмент, инструменталистите на сцена. Без никого од оваа екипа не се може, сите се многу важни.

Кога сме кај колегите, бидејќи логично е дека не може да се испочитуваат сите, дали можеби некој се налути дека не добил покана?

Бојана: Едноставно беше невозможно сите мои колеги да бидат дел од овој караван, технички. Ќе има и следни проекти, и се надевам бројката ќе се зголемува. Дали некој се налутил тоа не би знаела, мене лично не ми реагирале, немам ништо лично против никого и затоа нема простор за такво нешто.

Со оглед на тоа дека веќе сте на половината од планираните концерти, дали очекувањата се исполнети и кои беа најголемите стравови пред стартот, ако воопшто ги имаше?

Бојана: Засега имаме полни плоштади, и среќен и мотивиран народ, деца кои пеат за Македонија, тоа е нашата цел… Стравови и трема секогаш постојат кога сакаш сѐ да е беспрекорно, најмногу се плашам каква ќе е временската прогноза за да издржиме до 11октомври со стабилно време. Караванот тргна среќно, распеано и со многу, многу позитивна енергија.

Гледано од страна проектот е повеќе од успешен и сигурно дека најголема мотивација е реакцијата на публиката, но што е она што ти остава најголем впечаток на настапите и кој е можеби најемотивниот момент?

Бојана: За мене најемотивен момент се децата во публика кои пеат во еден глас и скандираат Македонија… е тоа е семето кое сега го садиме, за иднината на оваа земја, да ја сакаат својата земја и да бидат горди од каде потекнуваат.

 

Во рамки на проектот предвидени се 8 концерти во исто толку градови, она што можам да го забележам на социјалните мрежи се коментарите на луѓе од градовите кои не се опфатени од караванот кои постојано прашуваат кога ќе дојдете кај нив, па какви се идните планови?  

Бојана: Со Господ напред втор караван е планиран за на пролет, досега се дефинирани 5 града за на пролет кои не успеавме да ги посетиме овој пат, и нека не ни се лутат навистина во овој момент ресурсите ни го дозволуваа овој распоред, но се надеваме дека ќе успееме секаде да дојдеме.

Во време кога музички малку се случува на терен, се организира настан на кој врие како во кошница и де факто покажува дека кај нас има публика која е желна за забава, дали можеби ова покажува дека сите некако малку сакаат да вложат, а многу сакаат да добијат и заради тоа естрадата ни е западната во длабока летаргија?

Бојана: Од сѐ по нешто има, без влог и труд нема фидбек, со кукање и плачење ништо нема, мора да се работи и да се вложува, тешки времиња се, финансиски, но мора да се изнајде начин и да ѝ се понуди на публиката квалитет.

Какви се идните планови со „Македонијо во срце те носиме“?

Бојана: Би сакала овој проект да биде приказна која ќе промовира многу нов материјал македонска музика, која ќе ѝ се подари на публиката, значи дијапазонот е широк и може да се менува жанрот, нашата музика е богата и имаме уште многу што да работиме. Само здравје.

Надвор од овој проект што се случува со твојата музичка кариера, какви ти се идните планови и дали можеби следниот контакт со твојата публика настрана од живите настапи и овие во склоп на караванот, би бил голем солистички концерт – некако логично ми е како следен проект да се најави тоа.

Бојана: Така е, должна сум на публиката да ѝ подарам свој солистички концерт, тоа го планирав на крајот на оваа година, но се случи проектот „Македонијо во срце те носиме” и едноставно беше невозможно, но тоа, секако, ќе биде за многу скоро затоа што моите авторски песни кои следуваат во наредниот период ќе мора да ги испромовирам и пред мојата публика на концерт. Сакам во овој момент да им се заблагодарам на сите драги луѓе од најразлични генерации кои ни даваат огромна поддршка и се нашиот мотив.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2023 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2023. Vecer.mk