logo
logo
logo

Премиерата е закажана за 13.10 во киното “Киноверзум“ во Штип

Кино “Љубов“ на Јани Бојаџи со Дејан Лилиќ и Јелена Жугиќ во октомври ПРЕМИЕРНО ВО МАКЕДОНИЈА

Vecer | 28.09.2023

Кино “Љубов“ на Јани Бојаџи со Дејан Лилиќ и Јелена Жугиќ во октомври ПРЕМИЕРНО ВО МАКЕДОНИЈА

Кино “Љубов“ на Јани Бојаџи со Дејан Лилиќ и Јелена Жугиќ во октомври ПРЕМИЕРНО ВО МАКЕДОНИЈА

По промената на политичката ситуација во Македонија Коста е актер кој четири години е без ангажман во неговиот театар. Неиграњето го убива. “Секое зло, за добро“ - решава дека тоа е моментот да го реализира својот животен сон да направи приватно кино во кое ќе се прикажуваат само љубовни филмови. И зема заем од неговиот шура Стево, инаку познат лихвар во градот.

Една недела пред да го отвори киното се прогласува епидемија на Корона и се пропаѓа.

Коста е во долгови и со месеци се крие од Стево кој се заканува дека ако го најде, ќе го убие затоа што не му го вратил долгот. И покрај настојувањето на целото семејство да ја разбере ситуацијата, Стево е немилосрден, си ги сака парите назад.

Така се растура семејството потонато во меѓусебни долгови и недоразбирања.

Мира, сопругата на Коста, заедно со нејзината снаа Фроса, сопруга на Стево, решаваат да стават крај на ова драма и фрлаат бомба под колата на Стево со намера да го убијат. Стево е повреден, но жив.

Го превзема киното од Коста и го нарекува “Кино Љубов“. На денот на свеченото отворање, се пораѓа Фроса која девет години не можела за забремени, според кажувања на народот од клетви заради лихварството на Стево.

Коста и Мира заминуваат за Куба и го остваруваат животниот сон да побегнат од капитализмот. Фроса и Стево го добиваат своето прво дете.

Позната актерска екипа ги има главните улоги во Кино Љубов: Дејан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов, Благој Чоревски, Димитрина Тодороска, Роберт Вељановски, Марија Новак, Нини Леви и други дваесетина актери во помалите улоги.

“Филмот “Кино Љубов“ е првата македонска “инди“ - независна продукција и снимен е без финансиска подршка од Агенцијата за филм и Министерството за култура на Македонија. Сниман е за време на Корона епидемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.

Се работи за филм кој има специфична филмска форма и припаѓа на таканаречените “one take“ - филмови снимени во еден кадар, односно, во неколку многу долги кадри. “Кино Љубов“ трае 93 минути а е составен од само десет кадри.

Најдолгиот кадар трае 43 минути без престан. Ова е филм кој во целост е посветен на актерот како средиште околу кое се врти целиот филм. Намерата е да се направи омаж на најважната работа во светот на филмот – актерот, без кого филмот не постои. Актерот во филмот е почетокот и крајот на се,“ вели режисерот и сценаристот на филмот Јани Бојаџи.

Иако филмот не беше подржан од државата, напротив, на неговите творци владата на Македонија седум години врши политички прогон со исфрлање од системот на организиран театар и државна кинематографија, во време на Корона кога сите министерства за култура во Европа ги ослободуваа творците од обврски, “Театарот за деца и младинци од Скопје“, на екипата, на колегите им наплати за користењето на тротоарот и холот на театарот за потребите на филмот.

Дополнително, сите државни институции го отежнуваа и оневозможуваа снимањето, по речиси празните улици на Скопје, во време на најголемиот пик на епидемијата во Македонија.

И покрај се, филмот се реализира и во меѓувреме од неговата светска премиера во Декември 2022 година на Фестивалот на авторскиот филм во Белград, помина 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир.

Според нашите информации, филмовите “Кајмак“ и Кино “Љубов“ се долгометражни филмови кои оствариле најголем број на фестивалски учества надвор од Македонија.

Македонската премиера на филмот е закажана за 13 Октомври во киното “Киноверзум“ во Штип. Веднаш потоа следуваат и премиери во уште десетина македонски градови во внатрешноста, а на 26 Октомври во Синеплекс е скопската премиера на филмот.

Сценарио и режија: Јани Бојаџи

Продуценти: Јани Бојаџи и Дејан Милошевски

Композитор: Горан Трајковски

Дизајн на звукот: Игор Василев

Директор на фотографија: Иван Зороски

Камера оператор: Марко Најдановски

Монтажа: Јани Бојаџи

Продукциски дизајн: Лазе Трипков

Костими: Александра Горчилова

ПРОДУКЦИСКИ КОМПАНИИ: Синемон Медија Фактори и Револушн продакшн од Скопје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk