Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Европската Унија планира постепен процес на вклучување на земјите од Западен Балкан во европските структури, со цел нивно поблиско интегрирање и забрзување на патот кон полноправно членство. По Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Тиват, тој порача дека пораката од состанокот е јасна и недвосмислена.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват / Фото: Икс
На социјалната мрежа Икс тој напиша дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија добил широка поддршка меѓу лидерите на ЕУ.
Според него, со оваа иницијатива се дава нов импулс на процесот на пристапување, особено преку постепено вклучување на земјите од регионот во единствениот европски пазар уште пред нивното полноправно членство.
„Мојот и предлогот на Емануел Макрон наиде на широко одобрување. Внесуваме нов импулс во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан – на пример, преку нивна постепена интеграција во единствениот пазар пред пристапувањето. Денес е добар ден за Европа“,
напиша Мерц на Икс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата