Во петокот, судот во Словенија донесе првостепена пресуда со која го ослободи поранешниот три мандатен премиер Јанез Јанша и двајцата наводни соучесници од обвиненијата за злоупотреба на службената положба и корупција.
Јанша, претседател на главната опозициска Словенечка демократска партија, го отфрли обвинението како обид да се отстрани од политиката пред општите избори во 2026 година.
„И покрај тоа што беше јасна и видлива фарса од самиот почеток, обвинителот побара две години затвор“, изјави Јанша по излегувањето од судот.
Тој додаде дека ова е победа, но дека борбата не е завршена. Според него, ослободителната пресуда доаѓа по речиси 15 години распит, судење, клевети и кражби на здравје, живот, слобода и време.
„Одложената правда е негирана правда, без разлика каков е крајниот резултат. Затоа нашата борба допрва почнува“, рече Јанша.
Стотици негови приврзаници се собраа пред судот во Целје, веејќи словенечки знамиња и носејќи транспаренти со обвинувања против судството, јавуваат словенечките медиуми.
Обвинителството најави дека по писмени образложенија ќе ја обжали пресудата до повисок суд.
Пратеникот во Европскиот парламент Бранко Грајмс во изјава за РТВ Словенија рече дека ослободителната пресуда „е резултат на тоа што е невозможно да се брани пресудата пред меѓународната јавност, која исто така беше информирана за настаните“.
Според него, останува фактот дека овој процес никогаш не требало да се случи и дека тоа е „грубо, флагрантно кршење на човековите права“.
„Првото рочиште беше закажано за роденденот на сопругата на Јанез Јанша, Уршка Бачовник, второто рочиште беше закажано за роденденот на самиот Јанез Јанша, пресудата беше објавена на Велики петок“, рече тој, што, како што наведе, е „чисто судско малтретирање“.
Јанша (66) беше обвинет за злоупотреба на службената положба при продажба на имот во 2005 година, кога го вршеше првиот мандат како премиер.
Во случајот се опфатени и директорите на две фирми, Бранко Кастелиќ и Клемен Гантар, кои биле вклучени во низа трансакции поврзани со продажба на парцела во сопственост на Јанша во замена за купување стан за него во Љубљана.
Јанша, кој се залагаше за независност на Словенија од тогашна Југославија во 1991 година, во 2013 година беше осуден на две години затвор за поткуп во договор со финската одбранбена група „Патрија“ во 2006 година, додека го отслужуваше својот втор мандат како премиер. Тој ги отфрли сите обвинувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата