Најмалку 11 лица се повредени во големиот пожар што го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, соопштија локалните надлежни служби.
Директорот на Службата за вонредни ситуации на Албанија, Арбен Кара, изјави дека пожарот е ставен под контрола и дека е спречено неговото понатамошно ширење кон блиските станбени кули.
Според порталот „Тирана њуз“, пожарот го зафатил североисточниот дел од зградата од приземјето до горниот кат и е предизвикана голема материјална штета.
Кара изјавил дека во гаснењето на пожарот се ангажирани сите расположиви капацитети, вклучувајќи повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, како и припадници на армијата.
Според него, сè уште работат на гаснење на преостанатите жаришта во становите, додека целосниот биланс на штетата сè уште не е познат.
„Прерано е да се каже дека пожарот е изгаснат. Го локализиравме за да не се прошири на околните згради, но сè уште се работи во сите правци“, рече Кара.
Директорот на службите за итни случаи, Скендер Братај, објави дека најмалку 11 лица се повредени, додавајќи дека една жена е хоспитализирана со изгореници кои покриваат околу 15 проценти од нејзиното тело, но дека нејзиниот живот не е во опасност.
„Пет лица се хоспитализирани на токсикологија, а меѓу повредените има и пожарникари, но засега немаме точен број“, рече Братај.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата