logo
logo
logo

Фрегата на грчката воена морнарица отплови кон Црвеното море

Vecer | 27.02.2024

Фрегата на грчката воена морнарица отплови кон Црвеното море

 Фрегата „Идра“ на грчката воена морнарица што ќе учествува во европската операција „Аспидес“ во Црвеното море, доцна синоќа отплови од поморската станица Саламина кон крајната дестинација, јави дописничката на МИА од Атина.

На вчерашниот состанок на владиниот совет за национална безбедност на Грција со кој претседаваше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше одобрено учеството на земјата во операцијата „Аспидес“ за заштита на слободната пловидба во регионот на Црвеното Море, а веднаш потоа министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас ја посети фрегатата „Идра“.

На само неколку часа пред фрегатата да го започне патувањето кон Црвеното море, Дендиас истакна дека учеството на „Идра“ во европската операција, „заедно со преземањето на командата на оперативниот штаб од страна на Грција со грчки командант, пред сè им служи на нашите национални интереси“.

Посочи дека „Грција, како поморска сила со водечка улога во светското поморство, придава големо значење на потребата да се гарантира слободна пловидба, како и животот на грчките морнари“, а паралелно на членовите на екипажот им порача дека со учеството не само што го промовираат грчкото и европското знаме, туку јасно му служат на националниот интерес“.

-Во интерес на Грција е да учествува во напорите на Европската унија за промовирање на безбедноста, стабилноста и на мирот. Во интерес на Грција е да се формира силна одбранбена алатка на Европската Унија, а операцијата „Аспидес“ во која вие учествувате е најголемата воена операција што Европската Унија ја организирала во својата историја. Операција која има грчко раководство и грчко име, порача Дендиас.

На членовите на екипажот освен што им посака да се вратат живи и здрави, им откри дека има намера да ги посети, како што рече, онаму каде што ќе бидат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk