Нови детали ја осветлуваат трагичната приказна зад убиството на 45-годишната Лулјета Обзова во атинската населба Неа Смирни. Таа била застрелана од 48-годишниот Алтин Алмуча, кој потоа си го одзел животот, а грчката полиција сега преку снимки од безбедносните камери, сведоштва и анализи на мобилните телефони се обидува да открие што се случувало меѓу двајцата пред крвавиот чин.
Снимките од камерите покажуваат дека Алмуча ја чекал жената пред нејзиниот дом. Кога таа излегла од зградата, тој ѝ пришол и ја застрелал, а потоа го свртел оружјето кон себе. Грчки News247 објавува дека нападот бил особено суров и дека 48-годишникот ја принудил жената да клекне пред да пука во неа.
Начинот на кој ја чекал пред домот е еден од елементите поради кои полицијата проверува дали убиството било однапред подготвено.
Лулјета Обзова била подолго време разделена од поранешниот сопруг. Нејзината мајка изјавила дека ќерка ѝ никогаш не ѝ кажала дека има нова љубовна врска или дека има проблеми со некого. Меѓутоа, Лулјета ѝ се доверила на својата сестра дека се гледа со маж и дека решила да ја прекине врската поради неговата љубомора. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, мажот продолжил да инсистира на врската, а таа се плашела од него. Ноќта кога била убиена, 45-годишната жена била сама дома. Нејзината ќерка не била во Атина, туку заминала во Агринио со својот вујко.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата