logo
logo
logo

Харадинај: Косовската полиција е под политички притисок од Курти за негови изборни интереси

Vecer | 06.09.2024

Харадинај: Косовската полиција е под политички притисок од Курти за негови изборни интереси

Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај вели дека косовската полиција се наоѓа под политички притисок од премиерот Албин Курти, кој, според Харадинај, ја користи оваа безбедносна институција „за изборни интереси додека е на власт“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По повод денешното одбележување на 25-годишнината од формирањето на полицијата на Косово, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека Курти „може да одржи потресен говор“, но, според него, зборовите на актуелниот премиер не се ништо друго освен измама.

„Полицијата денес ја нема грижата на Владата, туку има политички притисок врз неа! Курти и ги напаѓаше со камења додека беше во опозиција, а ја инструментализира полицијата за изборни интереси додека е во Владата. (Денеска), на 25-годишнината на полицијата, може да ви одржи трогателен говор, но зад неговите зборови се крие само измама. За неколку недели ова ќе биде готово. Полицијата е на Косово. Останете така. Не станувајте инструмент во несигурни раце!“, напиша опозицискиот лидер.

Харадинај вети дека, доколку дојде на власт, минималната плата во полицијата ќе биде илјада евра, а полицајците ќе имаат здравствено осигурување.

„Кога беше основана нашата полиција на 6 септември 1999 година, почна градењето на државата во областа на безбедноста... Ѝ ја честитам на полицијата 25-годишнината! Засекогаш ќе ги паметиме полицајците кои паднаа на должност. Имаме уште многу работа за да го зајакнеме достоинството, условите и опремата на нашата полиција. Приоритет ќе биде минималната плата од 1.000 евра во полицијата и здравственото осигурување. Ќе се изврши и модернизација на полициската опрема“, порача Харадинај./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk