logo
logo
logo

Мицотакис го предложи претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за шеф на државата

Vecer | 15.01.2025

Мицотакис го предложи претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за шеф на државата

Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас е предлогот на Нова демократија за кандидат за претседател на Грција, како што претпладнево, во ТВ порака до граѓаните, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека претседателот на државата „треба да има висок авторитет, да биде широко прифатен и секако да има искуство, знаење и почит кон институциите“, но и дека шефот на државата, иако има ограничени извршни овластувања, „тој е симбол на нацијата“.

Владиниот кандидат за претседател на Грција, 65-годишниот Тасулас, кој е член на Нова демократија, беше избран за претседател на Парламентот во 2019 година за време на првиот мандат на Владата на Мицотакис, со рекордни 283 гласа од 300 пратеници и беше реизбран за време на вториот мандат во јуни 2023 година со 249 гласа.

Мицотакис денеска требаше да се сретне со актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, како што соопштија вчера од нивните кабинети, меѓутоа еден час пред средбата, од Премиерската палата информираа дека оваа средба се одложува за следните денови и соопштија дека грчкиот премиер ќе упати порака до граѓаните.

Преку телевизиска порака до граѓаните, Мицотакис и во 2020 година ја соопшти тогашната одлука Катерина Сакеларопулу да биде кандидатка на Нова демократија за претседател на земјата. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk