- Исполнети се условите за да се одржи пописот и ги повикуваме сите граѓани слободно да се изјаснат, изјави вршителот на должност претседател на опозициската Демократска партија на социјалистите Данијел Живковиќ на прес-конференција.
Живковиќ рече дека доколку се забележат неправилности или злоупотреби, во секој момент можат да реагираат и да го прекинат пописот и ги повика граѓаните да ги информираат доколку забележат притисоци.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ги поздрави напорите и придонесот на сите кои учествуваа во преговорите и подготовката на Пописот на населението, домаќинствата и становите.
Спајиќ на Х напиша дека покажале оти Црна Гора има функционални институции и одговорни поединци подготвени да градат мостови за европската иднина.
Претходната влада на премиерот Дритан Абазовиќ го закажа пописот за 1 ноември, а опозицијата најави бојкот. Новата Влада на премиерот Милојко Спајиќ првично го одложи за 30 ноември, а дополнително за 3 декември на барање на опозицијата.
Пописот на населението во Црна Гора требаше да се одржи во 2021 година, кога беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, а не беше одржан во 2022 година, како што беше објаснето, поради технички причини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата