Со големо мнозинство, со 247 гласа „за“ и 50 „воздржани“, пратеникот од владејачката Нова демократија Никитас Какламанис денеска беше избран за претседател на грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако минатата среда грчкиот премиер соопшти дека претседателот на Парламентот Константинос Тасулас е владиниот избор за шеф на државата, Нова демократија, за собраниски спикер го предложи 79-годишниот Какламанис.
Денеска се одржа гласањето, а претседателот на Парламентот беше избран со поддршка од Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Грчко решение, Спартанци, како и голем дел од независните пратеници, како што и беше очекувано.
Од друга страна, воздржани беа пратениците од Комунистичката партија, Нова левица, Курс на слободата, Победа и четворица независни.
Какламанис е поранешен градоначалник на Атина и поранешен министер за здравство, а беше заменик-претседател на Парламентот од 2015 до 2023 година.
За сабота напладне, закажано е првото гласање на пратениците за избор на претседател на Грција, кое не се очекува да биде успешно и да се собере потребното двотретинско мнозинство, по што ќе следи и второ, пет дена подоцна.
Според калкулациите и ставовите на партиите, Тасулас се очекува да биде избран за претседател на Грција на четвртото гласање кон средината на следниот месец.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата