Српските студенти ги радикализираат протестите. Од претпладнево почна 24-часовната блокада на една од главните сообраќајни артерии во Белград, како израз на револт за трагедијата во Нови Сад пред речиси три месеци.
Реки граѓани, најголем број студенти, поддржани од земјоделци со трактори ја исполнија Автокоманда, што е прв пат, блокада на улица да трае повеќе од два часа. Кампувањето на крстосницата ќе се одвива во четири смени, во кои веќе се подготвува храна за студентите и се одржуваат спортски турнири.
-Блокадата трае повеќе од еден месец, а ништо конкретно и суштински не се случува. Мислам дека е време нешто посериозно да се преземе. , изјави студентка
-Се планираат бројни активности организирани од работните групи во рамките на нашиот факултет. Ќе има блокаден баскет, чајанка и готвење со студентите и сл.
-Засега делува дека мириса на некаква „пролет“, на некаква промена. На тоа се надеваме. Тоа и е потребно на оваа држава, не е демократска. , жителка на Белград
-Ние не успеавме ништо да промениме. Се надевам дека овие млади ќе успеат во тоа, а ние сме тука да им го чуваме грбот. , жител на Белград
Главното барање на студентите е да се објави целата документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 луѓе. Иако синоќа властите објавија нови документи, сепак не успеаја да го стишат незадоволството на студентите.
-Ги повикувам надлежните државни органи, добро е што сите градски и државни органи обезбедиле се за денешниот противзаконски собири и противзаконската блокада на Автокоманда. Многу е важно да има доволен број тоалети, пожарникари, итна помош и полицијата да не дозволи каков било инцидент, пред се во сообраќајот., изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија
За попладнево, Вучиќ заедно со премиерот Вучевиќ и претседателката на собранието Брнабиќ најавија обраќање во врска со последните случувања. Аналитичарите не можат да предвидат како студентскиот бунт може да се одрази на владеењето на српскиот претседател, но убедени се дека протестите никого не оставаат рамнодушен.
-Ова сигурно и него (Вучиќ) и сите нас останати не изненади. Оваа експлозија на бес на луѓето не улиците. И не само бес, туку и таа манифестација на огромна енергија, упорноста на луѓето, подготвеноста за сериозно жртвување. Нема апсолутно никаква шанса дека тој човек (Вучиќ) може мирно да спие. , изјави за „Al Jazeera Balkans“, Драган Поповиќ, Центар за практична политика
Студентите повеќе од два месеци блокираат околу 60 факултети во Србија поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Освен објавување на комплетнта документација за реконструкцијата, бараат и отфрлање на обвиненијата против приведените студенти и активисти, како и кривични пријави за сите напаѓачи врз студентите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата