Градоначалникот Никола Ѓурашковиќ ја истакна потребата од одговорност и систематски промени за да се спречат слични трагедии:
„Уште една невидена трагедија го погоди нашиот град и целото општество. Загубата на 12 животи остави празнина што не може да се пополни. Тоа не е загуба само за семејствата, туку и за целата заедница.“
На комеморацијата присуствуваа претставници на локалните и државните власти, дипломати и бројни граѓани, кои им оддадоа почит на жртвите и изразија солидарност со семејствата, објави Индекс.
Деветгодишниот Вукан Вулетиќ и неговиот брат Јован, нивниот вујко Мирко Вулетиќ, Јошо Оташевиќ, Бранислав Мудреша, Радивоје Марковиќ и Драгана Драшковиќ беа погребани вчера на гробиштата во Цетиње. Цел ден врнеше дожд, а долга редица луѓе во црно со венци и цвеќиња во рацете дојдоа да им оддадат последна почит.
И покрај големиот број присутни, владееше тишина, прекината само со липање и молитви. Членовите на семејството до крај останаа покрај ковчезите, со болка се збогуваа со најблиските.
Ацо Мартиновиќ на самиот почеток на новата година уби 12 лица, меѓу кои две момчиња на возраст од 9 и 13 години, пред да се самоубие. Меѓу жртвите има и членови на семејството на убиецот Мартиновиќ и семејството Вулетиќ, сопственици на кафеаната каде што масовниот убиец го почна крвавото дивеење по кавга во кафеана. Четворицата преживеани сè уште се опоравуваат во болница.
„Не сакам да кажам дека ова е само уште едно незапаметено злосторство. Сакам да го паметиме за да најдеме сила вакво нешто никогаш да не се повтори“, рече Мирко Станиќ, потпретседател на Собранието на главниот град.
Комеморации се одржаа и во други градови во Црна Гора и регионот. Во Тиват и Жабљак граѓаните со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите, а во Подгорица демонстрантите пред зградата на Владата носеа транспаренти со пораки како „Рацете ви се крвави“ и „Системот ви е скапан“. Насобраните гласно ги извикуваа имињата на загинатите деца.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата