Вели дека за него групата на вооружени Срби никогаш не би можеле да бидат терористи, а за целата ситуација го обвини косовскиот премиер Курти, за кого посочи дека создавал терор врз Србите на Косово. Повтори дека нема оправдување за убиениот косовски полицаец, но и дека тој немал право да биде на северно Косово. Вучиќ упати и апел до косовските Срби да се воздржат од насилство.
-Јас се надевам дека Србите и ги повикувам и како господ ги молам, да се обидеме на мирен начин да го добиеме тоа што ни припаѓа. Да бараме да се тргне полицијата на Курти од таму. Се да пробаме на мирен начин. Но, вие мора да разберете дека тие луѓе поминуваат низ пекол. -- Алекасндар Вучиќ – Претседател на Србија.
Говорејќи за принципите на меѓународната јавност, српскиот претседател во интервјуто направи и паралела меѓу настаните во Бањска со тие во кумановско Диво Насеље во 2015 година. Споредбата Вучиќ ја направи откако албанскиот премиер Рама истакна дека прогласуањето на ден на жалост во Србија е погрешен чекор .
-Да ги потсетам луѓето, тогаш дојде до голем судир во Куманово меѓу албанските терористи, вистински терористи, кои ја нападнаа суверената и меѓународно призната држава, тогаш Македонија, денеска С.Македонија, земја која е членка на ООН, значи многу важен детал, многу важен. Загинаа дури осум полицајци, не еден македонски полицаец, осум полицајци загинаа. Видете што се случи, тогаш ниту Рама, ниту било кој од Европа не држеа проповеди, - Алекасндар Вучиќ – Претседател на Србија.
Косовското собрание пак, на посебна седница која започна со едноминутен молк во чест на убиениот полицаец, донесе резолуција со осуда на нападот во Бањске. Косовскиот премиер Курти, потоа го повика меѓународниот фактор да ја казни Србија.
-Напаѓачите кои успеаа да побегнат мора да бидат екстрадирани, мора да бидат предадени на властите на Косово. За овој акт на агресија врз Косово, Србија треба да биде санкционирана и казнета меѓународно. Бидејќи, доколку тоа помине неказнето, тогаш ќе го повтори злосторството,- - Албин Курти – Премиер на Косово.
Меѓу Србите на Косово во меѓувреме, продолжува неизвесноста. Голем дел од нив велат дека несигурноста се чувствува, а стравуваат од продолжување на насилството.
-Секако дека се чувствува и тоа голем страв по се тоа што помина. И не му е сеедно на народот. Не е лесно да си Србин денеска, навистина не е лесно. /// Се чувствува несигурност, се чувствува тага и немоќ. Едноставно не знаете што ќе правите со животот.
Во селото Бањске и натаму има силно полициско присуствот, а косовските власти соопштија и дека е засилено присуството на специјалните единици на северот на Косово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата