Шест недели војна на Блискиот Исток сериозно ги нарушија снабдувањето со ѓубрива и влијаеја врз глобалната безбедност на храната.
Нов извештај на хуманитарната организација „Мерси Корпс“ покажува дека економските шокови најтешко ги погодија најранливите економии во светот - Сомалија, Судан, Пакистан, Етиопија и Мјанмар.
Од почетокот на конфликтот, цените на уреата (високо концентрирано азотно ѓубриво) се зголемија за 68 проценти, додека цената на суровата нафта Брент достигна ниво од 78 проценти над нивото пред војната.
Во исто време, комерцијалниот сообраќај низ Ормутскиот теснец се намали за дури 94 проценти. „Последиците од оваа војна врз безбедноста на храната се веќе запишани во културите што сè уште не се ни посеани“, предупредува „Мерси Корпс“.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) повика на итно повторно отворање на теснецот. Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, истакнува дека конфликтите што траат повеќе од 40 дена го менуваат однесувањето на земјоделците. Последиците, нагласува тој, се чувствуваат не само во една сезона, туку и во следните години.
Раст на цените од 150 проценти
Истражувањето на „Мерси Корпс“ открива конкретни последици на терен.
Во Сомалија, скоковите на цените на горивата ја дуплираа цената на водата во областите погодени од суша, додека на некои пазари цените на горивата се зголемија до 150 проценти.
Хуманитарните пратки во Судан, од кој зависат 14 милиони деца, се одложуваат до три недели. Светската програма за храна проценува дека дополнителни 45 милиони луѓе би можеле да се соочат со акутен глад.
Земјите од Персискиот Залив, Саудиска Арабија, Катар, Оман, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати се меѓу најголемите светски производители на ѓубрива, а нивни главни клиенти се Индија, Бразил и Австралија. Регионот извезува речиси половина од глобалните количини на уреа.
Додека развиените економии полесно ги амортизираат ваквите шокови, земјите во развој се соочуваат со зголемени трошоци за увоз и сè потешки финансиски услови. Ситуацијата е дополнително влошена од неповолните временски услови: сушата на американските рамнини, како и во Австралија и регионот на Црното Море, се заканува да ги намали приносите на пченица.
Порастот на цените на пченицата веќе го зголемува стравот од нова инфлација на храната. Фјучерсите за пченица на Чикашката берза пораснаа за речиси 4,5 проценти оваа недела, приближувајќи се до нивниот најголем неделен скок од февруари, објави Ројтерс. Зголемувањето на цените, заедно со временските услови, е под влијание на војната со Иран, како и поскапиот дизел и ѓубриво, кои ги зголемуваат трошоците за производство.
Најлошо сценарио
Во Обединетото Кралство се разгледуваат и најлошите сценарија.
Според проценките на владата, доколку војната во Иран продолжи, до летото е можен недостиг на храна, вклучително и пилешко и свинско месо. Владин извор изјави за Би-Би-Си дека се планира сценарио кое би вклучувало континуирано затворање на Ормутскиот теснец и прекини во снабдувањето со јаглерод диоксид (CO2), кој се користи за убивање на одредени животни и зачувување на храна.
„Разумните најлоши сценарија се алатка за планирање што ја користат експертите и не се предвидувања за идни настани“, додаде изворот за Би-Би-Си. Министерот за економија Питер Кајл вели дека недостигот на CO2 не е загрижувачки „во моментов“.
Индустриските здруженија, како што е Британската федерација за храна и пијалоци, предупредуваат на понатамошно зголемување на цените. Се очекува инфлацијата на храната да достигне девет проценти до крајот на годината.
Националниот сојуз на земјоделци вели дека се очекува цените на зеленчукот како што се доматите и краставиците да пораснат во следните шест недели, додека цените на другите земјоделски производи и млекото би можеле да пораснат во следните три до шест месеци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата