Националната служба за здравје, безбедност и квалитет на земјоделството и храната на Мексико објави дека привремено го суспендира увозот на пилешко месо, оплодени јајца, живи птици и други производи од живина од Бразил.
Суспензијата дојде како превентивна мерка поради појава на птичји грип на комерцијална фарма.
Чиле и Уругвај, исто така, го суспендираа увозот на живина, потврди секретарот за меѓународна трговија во бразилското Министерство за земјоделство, Луис Руа, за локалната новинска агенција „Бродекст Агро“, објави АП.
Бразилското Министерство за земјоделство и сточарство претходно објави дека Кина и Европската Унија го суспендираа увозот на живина од Бразил во петокот.
Бразил е еден од водечките светски производители и извозници на живина, со 14 проценти од светското производство на пилешко месо, наведува Министерството за земјоделство на Соединетите Американски Држави.
Недостатокот на јајца во САД, по епидемијата на птичји грип во земјата, го зголеми извозот на јајца од Бразил во САД, кој се зголеми за повеќе од 1.000 проценти помеѓу јануари и април 2025 година, во споредба со истиот период минатата година, според трговските податоци на бразилската влада.
Бразилските власти во петокот објавија дека вирусот е пронајден во објект во јужната држава Рио Гранде до Сул, додавајќи дека е спроведен план за непредвидени ситуации „не само за елиминирање на болеста, туку и за одржување на производствениот капацитет на секторот, обезбедување снабдување и, следствено, безбедност на храната за населението“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата