Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави дека нема да учествува на денешниот протест, бидејќи претседателот Благоја Ралповски смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите „секогаш се решаваат на маса“.
Граѓаните и учесниците на денешниот протест на ССМ остро реагираат за очигледната политизација на истиот која му даде сосема друга, неочекувана и исполитизирана димензија.
Она што требаше да биде работнички протест пред очите на сите оние кои искрено излегоа на него како работници прерасна во проопозициски протест, давајќи му сосема друго светло.
Едно од директинте сведоштва за политизацијата на работничкиот протест е она на Васко Јолески, синдикален претседател на СО на Музејот од Струга, кој е разочаран од злоупотребата на работниците и ги обвини ССМ и говорниците дека звучеле како гласноговорници на опозицијата:
„Како претседател на СО при НУ Музеј Др. Никола Незлобински Струга кој учествуваше на денешниот протест пред Владата мислејки дека протестот е со цел за унапредување на работничките права, должен сум да го истакнам следното:
– Според начинот на којшто се одвиваше протестот и пораките кои што беа испратени од говорниците добив впечаток дека сум на погрешен протест, погрешно место, во погрешно време.
– Иако. претходно беше кажано дека протестот ќе биде исклучиво во знакот на работниците и работничките права, говорниците на истиот го покажаа спротивното. Тие постојано звучеа како гласноговорници на опозицијата против власта и со тоа дадоа сосема поинакво светло на самиот синдикален протест.
– Од тие причини, како претставник од СКРМ упатувам апел до претседателството на СКРМ да ја преиспита соработката со ССМ и во иднина да не се случуваат вакви испади каде што членовите на синдикатот се изманипулирани за политички цели.Со почитВаско Јолескипретседател на СО при НУ Музеј Др. Никола Незлобински и член на Советот на СКРМ“

-Тука сме за минимална плата од 500 евра, помножена по коефициент за сложеност, затоа што 500 евра плата не е доволно. Затоа што две минимални плати не овозможуваат основни трошоци за живот на едно четиричлено семејно домаќинство. Ќе дојдеме многу повеќе, ако не ги зголемат платите. Бараме пристојна плата за пристојна работа, истакна Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пред Владата, каде што заврши денешниот првомајски протестен марш.
Трендафилов од учесниците на протестот побара „и на Владата да ѝ се сврти грб како и на Собранието претходно“.
– Со 160.000 денари лесно се кажува дека со 24.000 се живее. Затоа што не водат грижа за нас, работниците, ние работниците денеска дојдовме тука да им свртиме грб да почувствуваат како изгледа да ви врти некој грб 4 месеци … 4 месеци да се борат против синдикатите и против сите нас, за да не ни се зголемат платите. За тие да уживаат, а ние да преживуваме… Нè напаѓаат за да ги одвратат работодавачите да преговараат со нас… Спротивно на закон утврдија минимална плата, првпат по 2011 година еднострано, на штета на нас, работниците. Затоа денеска од тука бараме Владата да биде на страната на работниците, на граѓаните, на нејзините гласачи, а не на страната на газдите, на олигарсите и на работодавачите. Да предложи измени и дополнувања на Законот за минимална плата со кои ќе ја зголеми на најмалку 30.000 денари или 500 евра минималната плата, онака достоинствено како што тоа го направија насекаде владите во регионот. Или – Владата сака да има најсиромашни работници, за да ги нуди на странските инвеститори како евтина работна сила, како робови – рече Трендафилов.
Најави дека можеби ќе организираат штрајк, „макар и на еден ден во целата држава“, доколку нема слух за нивните барања.
Трпе Деановски од УПОЗ порача дека „без работници нема економија, нема развој и нема иднина“.
– Години наназад слушаме ветувања ќе има повисоки плати, безбедни работни места и социјална правда. А што добивме – неисплатени плати, скратени додатоци на плата во обвинителство и во судство, 200 луѓе во судството без договор за работа, зголемени цени, иселени млади, обид за убиство на работници на работни места. Досега во Македонија тоа го немало. Оваа влада ветуваше дека ќе биде на страната на работникот, а денес не само што молчи, туку нè напаѓа кога ќе побараме повисоки плати. Но, не нè плашат нивните напади, нивните лаги и прес-конференции полни со манипулации. Ништо од тоа што го прават нема да нè сопре. Ние ќе продолжиме понатаму, затоа што бараме достоинствени плати за достоинствен живот. Нема да молчиме и нема да престанеме – рече Дејановски.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ истакна дека иако неколку синдикати учесници на протестот имаат различни гледишта, денеска се споени за иста цел и нема делби меѓу нив – „а тоа е борбата за повисока плата“.
– Денеска не протестираме против Владата, туку сакаме да им укажеме на функционерите од сите политички партии, кои земаат 79 отсто покачена плата, патни трошоци и разни додатоци, да им кажеме и да им укажеме дека платата на работниците со 1.800 покачување не може да биде доволна. Не може луѓе со околу 2.000 евра плата да им кажуваат на луѓе со 400 евра дека е доволно. Поради мизерната плата се иселуваат младите и цели семејства. Кај нас се случува егзодус на младите и на работоспособното население. Нека ги видат барем земјите во регионот каде што платите се покачени. Останавме земја со највисока инфлација која ги изеде платите, со најниска стапка на раст на економија, земја со најниска плата – рече Ампева.
Томислав Гиевски од НСОН побара да се почитуваат колективните договори и да се одржат ветувањата што на работниците им се дадени во минатите години.
– Бараме да си стојат на зборот и тоа што го ветиле пред една, две, три години денеска да го исполнат. Затоа што неисполнето ветување е лага, а лагата мора да биде казнета. Лага врз работници е најголем грев што може да им се испише на една политичка елита. Затоа, ние бараме патни трошоци, исто како и вашите, бараме хранарина, иста како и вашата. Ги бараме истите бенефиции што ги имате вие, затоа што и ние ги заслужуваме. Со што сте побитни вие во општеството од нас, работниците? Ви пренесуваме порака – нема да има мир додека не се исполнат барањата на работниците и почесто и побројни ќе нè гледате тука – рече Гиевски пред Владата.
Претставниците на синдикатите упатија пораки и до синдикалните организации кои денеска не се придружија на првомајскиот протест. Трендафилов нив ги нарече „квазисиндикати што седат дома“, Ампева изјави дека се срами „од некои синдикати кои вчера славеле 1 Мај во луксузен хотел“, а Дејановски дека некои синдикати само се нарекуваат така и „се претставуваат како глас на работникот, а се глас на власта“.
– Не мрдаат со прст, освен Владата ако им каже да мрднат. И нека не се китат со наши перја, кога ниту преговарале, ниту протестирале, а сакаат да ни ја земат целата заслуга. Па нека ни ја земат, само работниците да потпишат тоа што им следува – подобри плати и подобар живот. А ние треба да сме свесни дека само со борба и со единство ќе го добиеме тоа што ни е потребно, а тоа се промени. Нашата борба е праведна, а нашата сила се работниците, без нив сме никој – порача претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Првомајскиот протест со кој ССМ и синдикатите што учествуваат бараат минималната плата 500 евра, сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра и да се почитуваат колективните договори за платите, почна од Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и Стопанската комора и заврши пред Владата.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави дека нема да учествува на денешниот протест, бидејќи претседателот Благоја Ралповски смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите „секогаш се решаваат на маса“.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. Се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот, што во 1886 година се одржал во Чикаго, на кој се барало осумчасовно работно време. Во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба. Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестни маршеви.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата