Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Новаци одржа јавна расправа по студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Експлоатација на јаглен од наоѓалиштето Живојно со површинска технологија“.
Активирањето на наоѓалиштето Живојно, кое според истражувањата има околу 24 милиони тони јаглен, ќе овозможи АД ЕСМ целосно да ги покрие потребите од овој енергенс од сопствено производство.
-Динамиката за експлоатација ќе се одвива во период од 7 години, односно првите три години се подготвителни работи за целосна експлоатација на јаловинските маси, а потоа четири години користење на откриениот јаглен. Период од 7 години за експлоатација се совпаѓа со моментот на напуштањето на производство на електрична енергија од т.н. нееколошки извори. Квалитетот на јагленот е поволен и подобар наспроти увозниот јаглен што во моментов се користи во РЕК Битола. На седмата година наоѓалиштето целосно ќе биде исцрпено и според студијата, по завршување на експлоатацијата на цел јаглен, земјиштето ќе биде вратено во првобитна состојба, а делот што нема да може да се врати во сегашна состојба ќе биде оплеменет со мерки во функција на заштита на животната средина – истакна Тони Ангелески, помошник директор во секторот за развој, инвестиции и проектирање во РЕК Битола.
Од АД ЕСМ информираа дека за активирање на наоѓалиштето ќе се спроведе и процес на експропријација на дел од земјиштето, а со експлоатација на јагленот ќе запре набавката на увозен јаглен и потребите за РЕК Битола ќе бидат задоволени исклучиво со домашен јаглен од современ рудник.
Отворањето на рудникот Живојно ќе биде клучен фактор за дополнително намалување на производствената цена на струјата во РЕК Битола, а обезбедувањето јаглен од локални извори воедно претставува стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосен премин кон зелено сценарио, беше истакнато на денешната јавна расправа во Новаци.
Наоѓалиштето „Живојно“ е третото главно лежиште за јаглен во Пелагонискиот регион. Лоцирано е приближно 35 км југоисточно од градот Битола, до самата граница на Македонија со Грција, на 20 км од рудникот Суводол, како продолжение на рудникот Брод-Гнеотино. Зафаќа површина од приближно 25 км2.
Од систематските истражувања, спроведени во периодот од 1966 до 1984 година од Геолошки завод – Скопје, е изработен Елаборат за рудните резерви во јагленовото наоѓалиште Живојно. Во октомври 2012 година беа завршени деталните геолошки истражувања од кои се добија финални точни параметри во поглед на квалитетот и квантитетот на јагленовите слоеви, геотехничките, геолошките и хидролошките податоци од околните карпи.
Според техничко-економската анализа за експлоатација на јагленот од рудникот Живојно изработена во 2013 година од „Премоговник“- Велење, Словенија, постојат оправдани можности за ископување на јаглен со подземна експлоатација на рудникот со капацитет од 1 милион тон јаглен годишно.
Вкупните проценети геолошки резерви на јаглен во наоѓалиштето Живојно, можноста за нивна експлоатација и близината на ТЕ „Битола“ (cca 20 km) ги оправдува напорите за негова употреба при подолг период.
Освен продолжувањето на животниот век на термоелектраната Битола, друг позитивен ефект е превенцијата на поголеми увози на електрична енергија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата