Откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Мексико дека го прекршува договорот за вода и дека „краде вода од фармерите во Тексас“ и се закани дека ќе воведе санкции и царини, одговор доаѓа од Мексико.
На прес-конференција, мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум рече дека Мексико веднаш ќе испрати пратка вода до фармерите од Тексас, но не ја прецизираше количината, велејќи дека тоа ќе зависи од достапните резерви.
Шејнбаум рече дека Мексико бара алтернативни начини да ги исполни своите обврски од 81-годишниот договор со САД, додавајќи дека ќе се обиде да постигне договор во наредните денови.
Таа потсети и дека три и полгодишната суша е причината поради која земјава има проблеми со исполнувањето на обврските од тој договор.
Да потсетиме, американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Мексико дека краде вода од фармерите од Тексас и и се закани на таа земја со царини за, како што тврди, кршење на меѓународен договор.
„Мексико му должи на Тексас 1,6 милијарди кубни метри вода според Договорот за вода од 1944 година, но Мексико, за жал, ја прекршува својата обврска од договорот. Ова е многу неправедно и предизвикува огромна штета на земјоделците во Јужен Тексас“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
„Ние ќе продолжиме да ги ескалираме последиците, вклучително и ТАРИФИ, а можеби дури и САНКЦИИ, додека Мексико не го почитува Договорот и не ЈА ВРАТИ ВО ТЕКСАС ВОДАТА КОЈА МУ ПРИПАЃА!“ додаде тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата