Ресторанските услуги се за 25 отсто зголемени во споредба со минатата година, покажала анализата на Владата. Истото важи и за транспортните услуги, а двоцифрено зголемување има и кај овошјето.
„Ако ги исклучиме храната процесуирана и останатиот дел производи кои се дел од тој синџир, како зеленчукот и така натаму, ќе видиме дека најголемите генератори на оваа инфлација се транспортните услуги и генерално услугите во целина. Да речеме ресторанските услуги за една година се зголемени околу 24-25 отсто. Истото важи и за транспортните услуги. Кај овошјето имаме зголемување, кај јаболките, лимоните, бананите и така натаму. Одиме детал по детал додека да одлучиме што понатаму. Нашата пракса покажала дека ако само ја ограничиме маржата на одредени производи, таа се прелева во следниот месец и на крајот се нивелира. Не сакаме да паднеме во таа замка. Ги следиме и земјите од регионот, каде секаде е зголемена инфлацијата и секаде е поради услугите“, рече Мицкоски.
Тој рече дека во јули инфлацијата е меѓу 4 и 5 отсто, а тоа е поради услугите. Според премиерот, зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, а оние кои ја нудат таа услуга ја качуваат цената додека консументите имаат пари да ја платат.
„Тоа значи дека зголемените плати и пензиите кои номинално се зголемија, прават притисок врз побарувачката. Затоа сме внимателни во делот на носење на мерки“, додаде Мицкоски.
Тој рече дека целосната анализа скоро ќе биде готова и ќе бидат внимателни.
„Се анализираат групи на производи, услуги, за да дојдеме до трајно решение“, посочи тој.
„Затоа рво ја направивме оваа септемвриска кошничка во однос на училишниот прибор, бидејќи цените кои се репер се оние кои беа на 1 јуни и на тие цени имаме ограничување“, рече премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата