Институтот за економски анализи Фајнанс тинк (Finance Think) смета дека владиниот пакет антикризни мерки е со зајакната компонента на таргетираност кон граѓани, домаќинства и компании кои се ранливи или имаат оправдана потреба од тековна и структурна поддршка.
Сепак, одредени мерки по својот обем, како и одредени мерки кои не се директно поврзани со кризата, но помагаат во поглед на нејзините последици, се донесени во време кога земјата влегува во изборен циклус и во време кога инфлациските очекувања остануваат подигнати. Во таа смисла, проценуваме дека таквите мерки носат значајни ризици, анализира Фајнанс тинк.
Анализата на ФТ ја пренесуваме во целост:
По обем, најновиот антикризен пакет е сличен со претходниот (за 2022 година) кој изнесуваше 760 милиони евра. Сепак, јачината на кризата и фазата во која беше економијата во 2022 споредено со денес се драстично различни. Во текот на 2022 година, енергетската криза го имаше својот врв, како резултат на рекордните цени на примарните производи од храна и енергија. Додека, денес, цената на енергентите и производите од храна на глобалните пазари е стабилизирана или намалена, а домашната понуда на електрична енергија се зголеми. Оттука, ако минатата година имавме акутна состојба и постоеше реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата. Оттука, вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба. Истовремено, иако пакетот е наречен антикризен, мерките опфаќаат и цели кои не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, особено имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период. Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата.
Од вкупно 26 мерки, 13 се надоврзуваат на мерките објавени во 2022 година, од кои шест се картактеризираат како антикризни мерки, а останатите седум како мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од кризата, но постоеја или веројатно би постоеле и доколку криза немаше. Потоа, шест се нови мерки кои пружаат времена поддршка на доходот на ранливи категории граѓани и, оттука имаат карактер на нови антикризни мерки; додека, преостанатите четири се нови мерки кои не се директно поврзани со кризата. Забележливо е дека, барем кај мерките кои се директно сврзани со кризата, поединечните буџети се намалени во однос на претходниот пакет, што во голема мера се должи и на постепеното напуштање на линеарните мерки за сметка на таргетираните мерки, што беше поранешна препорака од, но и услов кој земјата го презеде за стекнување на Аранжманот за претпазливост и ликвидност од Меѓународниот монетарен фонд, порано годинава.

Од аспект на структурата, поддршката само за домаќинствата зафаќа 17% од вкупниот буџет (невклучувајќи ги субвенциите на цената на електрична и топлинска енергија), додека за компаниите изнесува 74% (Табела 2). Сепак, поддршката за домаќинствата во 2023/24 година е зголемена, што повторно се должи на зајакнување на таргетираната компонента на пакетот. Таргетираните мерки во новиот антикризен пакет за категориите граѓани: ученици, студенти и пензионери кои се ранливи се оправдани. Вкупниот планиран буџет за овие мерки е 70.1 милиони евра и нивното учество во вкупниот пакет е 10.5%.
Вкупниот планиран буџет за компании е зголемен трипати. Сепак, половина од мерките опфаќаат поволни кредитни линии за поддршка на компаниите во износ од вкупно 249.8 милиони евра или 37.7% од буџетот. Овие кредитни линии се најчесто обезбедени од Развојната банка или во соработка со меѓународните финансиски иституции (ЕБОР, ЕИБ, Банка за развој на Советот на Европа, Светска Банка и Француската агенција за развој).
Една од клучните мерки за компаниите, а посредно и за вработените, е мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на работниците во распон од 3.000 до 9.000 денари. Фајнанс тинк укажува дека оваа мерка носи ризици од манипулација на основната плата која ќе биде земена како споредбена основа за зголемување на платата. Притоа, неопходно е како споредбена основа да се земат месеци за кои платите се веќе исплатени, односно тоа би биле месеците август, септември и октомври 2023.

Покрај пакетот антикризни мерки, дополнително беа објавени „системски мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза“ за 2023 и 2024 година, во износ од 516 милиони евра. Овие мерки се состојат од зголемување и усогласување на пензии и на плати во јавниот сектор. За зголемени пензии за над 338,000 пензионери планирани се 278 милиони евра (100 милиони евра за зголемување и 178 милиони евра за усогласување со новата методологија).
ФТ Став бр. 59 за пензиите и состојбата со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од август 2023, Фајнанс тинк укажува дека порастот на пензиите кој е поголем од законската рамка за усогласување го доведува под ризик трендот на стабилизација на пензискиот систем и долгорочната самоодржливост.
За платите во јавниот сектор се предвидени средства и за зголемување од 10% согласно Општиот колективен договор и за регрес за годишен одмор (52 милиони денари), како и за зголемување на платите во 2024 година од 150 милиони евра. Иако овие мерки се важни за поддршка на животниот стандард на примателите, нивното невнимателно ставање во функција е спротивно на процесот на стабилизација на инфлациските очекувања и може да влијае инфлаторно, со тоа смалувајќи ги напорите на носителите на политиките за поскоро постигнување ниска и одржлива инфлациска стапка. Дополнително, овие мерки се промовираат во време кога земјата влегува во изборен циклус“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата