Неодамнешната продажба на 50.000 биткоини во вредност од над 2 милијарди евра од страна на германската влада предизвика турбуленции на пазарот на криптовалути, ги загрижи инвеститорите и поттикна дебата за тоа како владите се справуваат со запленетите дигитални средства.
Патем, се постави и прашање - дали Германија останува без пари по економскиот колапс што и се случува и трошоците за војната во Украина?! Особено ако се знае дека биткоините при заплена вределе близу 3 милијарди евра, а продадени се за околу две милијарди. Очигледно, им се брзало, им требале евра - веднаш.
Во јануари 2024 година, германските власти, вклучително и сојузната покраина Саксонија, запленија приближно 50.000 биткоини (BTC) од нелегалната веб-страница за стриминг филмови Movie2k.to. Оваа заплена, првично вредна речиси 3 милијарди долари, претставуваше една од најголемите заплени криптовалути во германската историја.
Приход 2.154.281.200 евра
Од 19 јуни оваа година, германската влада активно ги продава овие биткоини. Досега е продадена речиси целата сума освен 3815 БТК. Парите што ги добила германската влада од продажбата, приближно по денешната единечна вредност од 53.857,03 евра, изнесуваат 2.154.281.200 евра. Продажбата беше спроведена преку различни крипто-размени, вклучувајќи го и Coinbase.
„Екстремен страв“ од инвеститорите
Оваа масовна продажба се совпадна со значителен пад на цената на биткоинот. Криптовалутата забележа пад од 25 отсто во однос на неодамнешните највисоки вредности, а од почетокот на јуни 2024 година вредноста падна за повеќе од 15 отсто.
Реакцијата на пазарот беше крајно негативна. Индексот на страв и алчност за криптовалути, мерач на пазарното расположение, падна на нивоа на „екстремен страв“, достигнувајќи ја најниската точка од јануари 2023 година.
Инвеститорите беа загрижени за можноста за дополнително опаѓање на цената која германката влада ја понудила, помала од пазарната во тој момент.
Сепак, работите се враќаат во нормала. Порталот CoinTelegraph оптимистички објавува: „Цената на биткоинот можеби го достигна дното бидејќи на германската влада и снемува биткоини за продажба“. Техничките показатели укажуваат на потенцијалниот почеток на фазата на реакумулација“.
Лош потег?
Одлуката на германската влада да продава запленети биткоини беше критикувана. Некои тврдат дека чувањето на биткоин како економска резерва би можело да биде покорисно на долг рок, додека други сугерираат дека продажбата претставува пропуштена можност за Германија да развие посеопфатна стратегија за криптовалути.
Одлуката за конвертирање на биткоини во евра, со оглед на историскиот раст на вредноста на биткоините во споредба со опаѓачката куповна моќ на еврото, се смета за лош потег. Можно е ова да е одлука поттикната од усогласеноста со регулаторната рамка на пазарот за крипто средства (MiCA), која беше имплементирана минатата година.
И други имаат вакви случаи
Продажбата на биткоини од Германија не е изолиран случај. Други земји, вклучувајќи ги САД и Обединетото Кралство, исто така поседуваат значителни количини запленети криптовалути. Американската влада наводно поседува запленети биткоини во вредност од над 13 милијарди долари, додека британските власти имаат околу 3,6 милијарди долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата