РОНАЛДО РУШИ РЕКОРДИ И НАДВОР ОД ТЕРЕНОТ: Првиот фудбалер со богатство проценето на над две милијарди долари

Vecer | 23.10.2026

РОНАЛДО РУШИ РЕКОРДИ И НАДВОР ОД ТЕРЕНОТ: Првиот фудбалер со богатство проценето на над две милијарди долари

Кристијано Роналдо продолжува да ги поместува границите и не со головите и рекордите на фудбалските терени, туку со својата финансиска моќ. Според најновите процени, богатството на португалската ѕвезда надминало две милијарди долари, со што тој се издвојува како единствен фудбалер со вакво богатство. Роналдо одамна го надмина статусот на врвен фудбалер и еден од најплатените спортисти во светот. Во текот на годините, тој изгради глобален бренд кој му носи огромни приходи од фудбалот, спонзорските договори, инвестициите и различните деловни активности.

Значаен дел од неговата заработка доаѓа и од ангажманот во Ал-Наср. Во јуни 2025 година, Португалецот го продолжи договорот со саудискиот клуб, а според медиумските информации, неговата вредност надминува 400 милиони долари. Со тоа, Роналдо дополнително ја зацврсти позицијата меѓу финансиски најмоќните спортисти на планетата.

Покрај заработката од фудбалот, голем придонес за неговото богатство имаат и комерцијалните партнерства со светски познати компании, меѓу кои е и „Најк“. Неговата деловна империја опфаќа и проекти во модната индустрија, парфемите, хотелскиот бизнис и фитнес-секторот.

Уште во октомври 2025 година, „Блумберг“ го прогласи Роналдо за првиот фудбалер милијардер, проценувајќи го неговото богатство на околу 1,4 милијарди долари. Најновите процени сега го носат на уште повисоко ниво, со имот вреден повеќе од две милијарди долари.

Иако има 41 година, Роналдо сè уште активно настапува, а неговото влијание одамна не се ограничува само на фудбалот. Португалската суперѕвезда е еден од најдобрите примери за тоа како спортскиот успех, глобалната популарност и паметните деловни потези можат да се претворат во финансиска империја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk