Илјадници полначи низ целата земја се претежно неискористени. Затоа, компаниите планираат да го забават проширувањето на мрежата и да ги намалат своите инвестиции.
Еден од најголемите проблеми на електромобилноста е недостатокот на полначи. Ова предизвикува нервоза кај сопствениците и возачите на електрични автомобили: дали ќе можам да го наполнам возилото на следната станица, што ако е гужва и има уште две возила што чекаат во ред, дали ќе стигнам до следниот полнач без да останам без струја... Но, дали е навистина така?
На најважниот европски пазар, Германија, се чини дека се појавува нов вид загриженост. Имено, високите инвестиции во полначи тешко дека ќе се исплатат на краток рок.
Бројот на новорегистрирани електрични автомобили во ЕУ се зголеми за речиси една четвртина, на околу 413.000 возила, во првиот квартал од 2025 година во споредба со истиот период минатата година.
Сепак, според податоците од Здружението на европски производители на автомобили (ACEA), таа бројка е под очекувањата. Недоволниот број полначи често се наведува како една од причините за помалиот раст на продажбата. Но, дали тоа е навистина причината?
Бројот на јавни полначи во Германија се зголеми за околу една петтина на 161.686 во споредба со претходната година.
Ова вклучува 36.278 брзи полначи, чиј број се зголеми за дури 39% во текот на една година. Сепак, германскиот индустриски портал „Автомобилвохе“ сега објавува дека илјадници полначи низ целата земја се во голема мера неискористени - едноставно кажано, празни.
Поради ова, многу компании за полнење планираат да го забават проширувањето на мрежата и да ги намалат инвестициите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата