logo
logo
logo

„Читај додека не стигне возот“: ОЛЕСНЕТ ПРИСТАП ДО ЗНАЕЊЕТО ИЛИ ГУБЕЊЕ НА ДУШАТА НА ЛИТЕРАТУРАТА?

Vecer | 25.08.2026

„Читај додека не стигне возот“: ОЛЕСНЕТ ПРИСТАП ДО ЗНАЕЊЕТО ИЛИ ГУБЕЊЕ НА ДУШАТА НА ЛИТЕРАТУРАТА?

Што може да се прочита за пет, десет или дваесет минути? Во време во кое вниманието е сè подрагоцено, а долгите текстови на многумина им изгледаат како напор, настануваат нови начини за да може литературата да им се доближи на читателите. Класиците се скратуваат и поедноставуваат и се нудат на места каде што не очекувате книги – на пример на одредени железнички станици во Германија.

Патниците, во зависност од тоа колку чекаат, можат да изберат верзија од познато дело која се чита пет, десет, дваесет минути или половина час. Проектот „Читај додека не стигне возот“ нуди скратени верзии од „Преобразба“ на Франц Кафка или „20.000 милји под морето“ на Жил Верн, како и славни говори, меѓу кои и „Имав сон“ на Мартин Лутер Кинг.

Германската железница затоа ги претвори празните ѕидни површини во „културни пунктови“. Содржините се сумирани со помош на вештачка интелигенција. Од железницата велат дека притоа се труделе, колку што е можно, да ги зачуваат препознатливиот јазик и тон на оригиналот.

Проектот кој започна крајот на минатата година покажува нов однос кон културата. Резимеата и кратките верзии треба да го олеснат пристапот до литературата и да разбудат интерес за оригиналните дела. Идејата книгите да се сведат на најважните мисли за кратко време на читање или слушање веќе е дел од поширок тренд.

Апликациите како Инстантрид нудат резимеа од бестселери во текстуален и аудиоформат, кои е можно да се прочитаат или преслушаат за околу 15 минути.

Во прв план се клучните идеи и увиди – понуда која знаењето го преведува во мали, лесно достапни временски единици.

Поедноставената лектира веќе со години постои и во училиштата. Изданијата со ознаки како „light“ или „x-light“ користат пократки реченици, поедноставна граматика, поголем фонт и дополнителни објаснувања.

Педагошка идеја

Во основата на овој пристап стои педагошка идеја. За учениците, за оние кои учат германски или за лицата кои имаат тешкотии со читањето, историски слоевитиот јазик, долгите реченични конструкции и непознатите постапки на раскажување можат да бидат сериозна препрека.

Заговорниците велат дека литературата, на крајот на краиштата, може да влијае само ако се чита изворно.

Јазично поедноставената верзија е подобра отколку делото воопшто да не се прочита, а може и да ја разбуди љубопитноста за Гете или Томас Ман во оригинал.

Баварското здружение на професори во гимназиите истакнува дека поедноставените верзии можат да имаат свое место – но само како вовед.

„Читањето класични литературни дела на поедноставен јазик може, во најдобар случај, да овозможи прв пристап до текстот“, вели претседателот на здружението Волфрам Јанке.

Истовремено, берлинскиот дидактичар за литература Марсел Хумар предупредува дека „литературата не добива значење независно од јазикот, туку токму преку неговиот посебен начин на употреба“.

За него ритамот, реченичната структура, метафорите и повеќезначноста не се украс, туку јадро на литературното дело. Кога јазикот ќе се „испегла“, се менува и самото дело.

Тоа што литературата денес сè почесто се нуди во кратки и попристапни форми има врска и со развојот кој сè појасно може да се измери.

Германскиот пазар на книги бележи значителен пад на продажбата кај младите читатели. Бројот на деца и тинејџери од 10 до 15 години кои во 2025 година купиле книга се намалил за 30,6 отсто во однос на претходната година.

Книгите сè помалку се купуваат

Опадна и вкупниот број купувачи на книги. Здружението на германски книжарници и издавачи гледа врска меѓу овој тренд и слабеењето на читачката писменост.

За овој развој постои поим кој потекнува уште од медиумската теорија во шеесеттите години, а денес повторно добива на значење – „постлитерарно“.

Со него се опишува општество во кое читањето не исчезнува, но способноста за длабинско, фокусирано читање сè повеќе слабее.

Американската невронаучничка Мериен Волф го опишува овој процес во јули оваа година во магазинот The Atlantic како губење на способноста за длабоко, концентрирано читање (deep reading).

Не станува збор за тоа дека одделни зборови повеќе не се разбираат, туку за способноста подолг текст да се следи внимателно, да се воспоставуваат врски и да се размислува за прочитаното. Општеството, според тоа, може и понатаму да чита – а сепак да стане „постлитерарно“.

Поинаков пристап кон литературата се обидуваат да применат младите во Франција. Во близина на Авињон, група собрана околу Жероним (25), кој настапува под псевдоним, организира таканаречени литературни дуели.

Во кратки вербални пресметки се соочуваат ставовите на писатели и мислители – на пример Емил Зола против Гистав Флобер или Карл Маркс против Адам Смит. Забавните снимки се објавуваат на социјалните мрежи и допираат до широка публика.

И тука литературата и науката доаѓаат во краток формат. Но делата не се сведуваат само на дејството, туку стануваат почетна точка за расправа и толкување. Кој пишува подобро? Која идеја звучи поубедливо?

Кратката средба со литературата не мора да биде површна. Резимеата и лесните верзии можат да ја отворат вратата кон некое дело.

Прашањето е, меѓутоа, што останува од литературното дело ако скратената верзија повеќе не води кон оригиналот, туку го заменува.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk