Меѓународните награди за класична музика (ICMA) ги објавија номинациите за своите награди за 2027 година, оддавајќи им признание на најдобрите музичари и музички изданија. Меѓу номинираните се голем број реномирани солисти, ансамбли, диригенти и оркестри, како и многу млади музичари, од кои голем дел се номинирани за првпат.
Во 16 категории се номинирани околу 350 аудио и видео изданија, објавени од стотина издавачки куќи од Европа, Азија и Северна Америка.
За едно издание да биде номинирано, потребно е да биде предложено од најмалку двајца членови на жирито. Издавачките куќи со најголем број номинации се Alpha, Naxos, Harmonia Mundi и Pentatone.
Изданието на Linn Records на кое нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и Кралскиот шкотски национален оркестар, во изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс, ја понесе номинацијата за најдобро концертно издание, информира „КултурОп“.
Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 година во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на ЦД изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.
Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценија ова издание на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број 5 – „Египетски“ на познатиот француски композитор. Ним деновиве им се приклучи и реномираната германска критичарка на „Пијано њуз“ и „Магазинот за камерна музика Енсембле“, Изабел Федрици, која во својата рецензија подвлекува дека со ова издание „македонскиот пијанист Симон Трпчески претставува уште еден импресивен доказ за својата совршена техника, брилијантност и музикалност“, оценувајќи го со највисока оценка и означувајќи го како „инспиративна и револуционерна снимка“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата