Екстремно нискиот водостој на реката Дунав во Будимпешта откри драматично историско пронаоѓање, речиси потполно сочуван воен мотоцикл и посмртни останки на двајца германски војници од Втората светска војна. Несекојдневното откритие се случи на будимската страна од реката, на Плоштадот Батјани, точно спроти зградата на унгарскиот парламент, каде што минувачите прво забележале дел од предната вилушка на моторот како вири меѓу карпите на брегот. Експертите од Институтот и музејот завоена историја веднаш излегоа на терен бидејќи ретко се случува предмет од тој период да се пронајде во толку добра состојба, пренесува „Еуроњуз“.
Според анализите на воените историчари, мотоциклот ѝ припаѓал на оклопната дивизија „Feldherrnhalle“, една од најважните германски единици кои беа опколени за време на жестоката опсада на Будимпешта во 1944 и 1945 година. Во близина на возилото, кое главно се користело за курирски задачи и пренос на наредби, биле пронајдени и противтенковски мини, муниција и посмртни останки на двајца војници за кои се претпоставува дека загинале во борба на самиот брег.
Проверката на возилото покажала дека менувачот сè уште бил во втора брзина и дека мотоциклот учествувал во судар пред точно 81 година, пред да заврши на дното на реката. Додека археолозите и историчарите продолжуваат да ја реконструираат оваа воена драма, пронајдените предмети и останки ќе бидат соодветно конзервирани и истражени, давајќи нов увид во еден од најкрвавите периоди од историјата на Будимпешта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата