logo
logo
logo

ОД „ЗЕМЈАТА НА ЦИМЕТОТ“ ДО УСТИЕТО НА АМАЗОН: Приказната за Франсиско де Орељана

Vecer | 26.08.2026

ОД „ЗЕМЈАТА НА ЦИМЕТОТ“ ДО УСТИЕТО НА АМАЗОН: Приказната за Франсиско де Орељана

Франсиско де Орељана бил еден од шпанските морепловци, конквистадори и истражувачи во првата половина на 16 век. Иако не е толку познат како Писаро или Кортес, Орељана е првиот човек кој го истражил сливното подрачје на реката Амазон, му го дал името, а исто така основал и еден од најважните градови во денешен Еквадор. На денешен ден во 1542 година стигнал до устието на реката Амазон и така преживеал исклучително тешко патување.

Во Еквадор познат по основањето на нивниот најважен град

Франсиско се родил во текот на 1511 година во Шпанија. Веќе како дваесетгодишник им се придружил на морепловците во освојувањето на Новиот свет, а многу е веројатно дека бил пријател со Франсиско Писаро, човекот кој го освоил Царството на Инките. За своите заслуги добил на управување една колонија во денешен Еквадор, благодарение на што енормно се збогатил.

Пред да ја започне својата позната експедиција, Орељана учествувал во основањето на неколку населби во Јужна Америка. Најпознато меѓу нив е местото Гвајакил на брегот на Тихиот Океан, кое со текот на времето се развило во значаен економски центар и денес е најголемиот и најважниот град во Еквадор.

Местото било одлично за изградба на база бидејќи се наоѓало на устието на реката Гвајас, а заливот на кој се наоѓао ги спречувал големите бранови од Пацификот. Во негово време станувало збор за само неколку новоизградени објекти.

Непланирана експедиција во „Земјата на циметот“

Во 1540 година во Еквадор пристигнува високиот гувернер Гонсало Писаро и бара доброволци кои со него ќе одат преку Андите да ја пронајдат „Земјата на циметот“. Орељана, како угледен колонист, бил негова десна рака и тргнал на експедицијата во февруари 1541 година.

Во длабочините на амазонските прашуми Писаро сфаќа дека мора да почека засилување од Еквадор, па го испраќа Орељана со педесетина луѓе да го истражат подрачјето долж текот на „Големата Река“. Откако со недели истражувале низводно, Орељана сметал дека треба да се вратат, но неговите луѓе се спротивставиле и решиле да продолжат понатаму низводно, бидејќи шансите Писаро да е на истото место или воопшто да е жив биле мали.

Остатокот од годината групата го истражувала амазонското подрачје. Со Орељана патувал и Гаспар де Карвахал, доминикански свештеник кој водел записи за целото патување. Локалните племиња понекогаш биле мирољубиви и ја делеле храната со нив, но другпат влегувале во судири. Кога оделе во борба, не се бореле само мажите, туку и многу жени, кои биле опишани какви вешти, силни, високи и способни да убијат маж поголем и посилен од себе.

Пред него Амазон немал општоприфатено име

Франсиско де Орељана ги нарекол Амазонки, според азиското племе за кое пишувал Херодот, каде што жените исто така се бореле рамо до рамо со мажите. Долината на реката така останала запаметена како „Долина на Амазонките“, од каде што произлегува и денешното име на втората најголема река во светот.

На 26 август 1542 година групата конечно стигнала до устието на реката. Се снабдиле со залихи во блиската база и тргнале назад кон Шпанија. Орељана добил кралски налог повторно да оди да го истражува Амазон, кој го нарекол Нова Андалузија.

На таа експедиција немал толку среќа. Тргнал спротиводно кон амазонските прашуми и повторно влегол во судир со локалните племиња, но овој пат не преживеал. Починал во текот на 1546 година и останал запаметен како првиот човек кој го истражил Амазон долж целиот негов тек.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk