logo
logo
logo

ПЕКОЛНА КУПОЛА НАД ЕВРОПА - Падна рекорд стар еден век!

Vecer | 26.05.2026

ПЕКОЛНА КУПОЛА НАД ЕВРОПА - Падна рекорд стар еден век!

Она што моментално се случува со времето во Западна Европа ги остави метеоролозите во тотален шок. Британскиот метеоролошки завод соопшти дека во Кралските ботанички градини во Лондон се измерени неверојатни 34,8 °C, со што е срамнет со земја рекордот стар повеќе од еден век, кој датираше уште од далечните 1922 и 1944 година. Само малку пред тоа, на аеродромот Хитроу живата во термометарот покажа 33,5 °C.

„Ваква горештина би била екстремна дури и за среде лето, а камоли за мај“, алармираат британските метеоролози. Официјално е прогласен топлотен бран во осум региони во Англија, каде температурите со денови не паѓаат под 27 °C, а единствените поштедени се северна Шкотска и Северна Ирска.

Сахарски бран ја зафати и Франција: Најран пекол во последното столетие

Ништо подобра не е со состојбата ниту во Франција. Националната метеоролошка служба за првпат во историјата, откако е воведен системот во 2004 година, издаде жолт метеоаларм за крајниот запад на земјата, а предупредувањето експресно се прошири на речиси цела Западна Франција и поширокото подрачје на Париз. Дури осум департмани веќе се „запалија“ во портокалова фаза.

Во одредени делови на Франција температурите се за дури 15 °C повисоки од вообичаениот просек за овој период од годината. Француските климатолози истакнуваат дека ова е најраниот топлотен бран забележан во повеќе од сто години. Главниот виновник? Продор на екстремно топол воздух од Сахара преку Средоземјето, кој буквално е заробен над Европа поради силен антициклон.

Што е тоа „Топлинска купола“ и зошто е опасна?

Според анализите на метеоролошкиот сервис Severe Weather Europe, над западна и централна Европа се разви силна таканаречена топлинска купола (Heat Dome). Станува збор за стабилен систем на висок притисок кој делува како огромен атмосферски „капак“ – тој го заробува топлиот воздух во најниските слоеви на атмосферата и целосно го спречува неговото ладење.

Овој феномен донесе шокантни отстапувања од 12 до 16 °C над повеќегодишниот просек за крајот на мај. Во Португалија, Шпанија и Франција температурите веќе дивеат меѓу 35 и 38 °C.

„Во Лондон во ова време од годината нормално би требало да биде околу 17 до 18 °C. Ова што го гледаме се сè почести екстреми ширум светот и јасен показател дека климатските промени се во полн ек“, предупредуваат синоптичарите.

Најлошото доаѓа: Се очекува нов пик на жештините

Метеоролозите предупредуваат дека пеколот допрва ќе се засилува во текот на неделата, а врвот на топлотниот бран се очекува денес и во четврток. Во јужна Англија постои реална опасност температурите да се искачат до рекордни 37 °C, што би биле највисоките вредности за мај откако се мери времето.

Оваа немилосрдна топлинска купола ќе се задржи до крајот на месецот, а на најсилен удар покрај Велика Британија се и Шпанија, Португалија, Франција, Германија и земјите од Бенелукс. Властите веќе издадоа итни апели до граѓаните, особено до постарите лица, децата и хронично болните, да бидат максимално претпазливи поради огромен ризик од топлотен удар и колапс на организмот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk