logo
logo
logo

Дојде крајот и на тоа: ЕЛЕКТРОНСКИ ЌЕ ВЕ ФАЌААТ КОГА ИМАТЕ ТЕЛЕФОН ВО РАЦЕ ДОДЕКА ВОЗИТЕ

Vecer | 12.04.2025

Дојде крајот и на тоа: ЕЛЕКТРОНСКИ ЌЕ ВЕ ФАЌААТ КОГА ИМАТЕ ТЕЛЕФОН ВО РАЦЕ ДОДЕКА ВОЗИТЕ

Во германската покраина Рајнланд Пфалц почна употребата на камери кои регистрираат дали имате мобилен телефон в раце додека возите.

Досега т.н. МОНОкам беше само тестирана, а сега и официјално е ставена во функција. Камерата го набљудува сообраќајот од висина, на пример од мост. Софтверот потоа со помош на вештачка интелигенција открива дали возачот држи мобилен телефон в раце. За да го направи тоа, тој ја гледа позицијата на раката и дали предметот во неа, според формата, наликува на мобилен телефон.

Доколку е така, камерата фотографира, а таа фотографија потоа ја проверува и оценува полицијата. Секој што ќе биде фатен со мобилен телефон в рака додека вози, мора да плати казна од 100 евра и добива еден казнен поен (максимално дозволени се 8 поени).

Со оглед на тоа што пилот-проектот беше многу успешен, камерата сега во Мајнц ќе се користи редовно. Според Министерството за внатрешни работи на Рајнланд Пфалц, фокусот е ставен првенствено на автопатите. Брзината таму е многу поголема отколку во градот, на пример. Тоа го зголемува ризикот од тешки сообраќајни несреќи.

Пред две години, полицијата во Рајнланд Пфалц беше прва која почна да ја испробува новата технологија во Германија. Според Министерството за внатрешни работи, имало тесна соработка со холандската полиција, која веќе извесно време го користи системот. Камерите беа во употреба во Трир и Мајнц вкупно шест месеци. Во текот на 42-те дена контрола, само на автопатот А60 кај Мајнц полицијата регистрирала 941 прекршок.

Покраинскиот министер за внатрешни работи Михаел Еблинг во петокот (11.04) рече: „Секој што ќе погледне во својот мобилен телефон дури и една секунда додека патува со 100 km/h, вози 'на слепо' околу 30 метри - тоа може да биде опасно по живот.“

Новиот закон за полиција дава правна основа

Правната основа за употреба на ваквите камери беше создадена на почетокот на март. Со новиот Закон за полиција сега на полицијата ѝ е дозволено да користи такви снимки. Расчистувањето на правната состојба, според покраинското МВР, било важно со оглед на тоа што камерите собираат и складираат лични податоци.

Според полицијата, целта на користењето на камерата не е да се изрекуваат казни: „Нам ни е до тоа луѓето да внимаваат, да не им се одвлекува вниманието (додека возат, н.з.)“, вели Еблинг. Целта е бројот на загинати на патиштата на долг рок да се намали на нула.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk