Кога ќе ги видите приходите и богатството на англискиот крал, ќе забележите дека има многу “бизнисмени“ во регионов кои се побогати од него. А не се кралеви, или принцови, ниту создавале богати бизниси надвор од регионот иако потоа парите завршувле надвор од државите.
Ако некој ве праша кој е побогат – принцот Вилијам, принцот од Велс, или неговиот татко, британскиот крал Чарлс III, што би рекле? Кралот, се разбира?
Но, тоа е погрешен одговор. Принцот е побогат од неговиот татко, покажуваат даночните записи објавени за прв пат, и тоа дупло!. Во обид да ги направат финансиите на кралското семејство потранспарентни, и кралот Чарлс и принцот Вилијам објавија детали за нивните приватни даночни обврски.
Податоците, објавува „Дејли мирор“, беа објавени заедно со извештаите за Суверениот грант – средства што кралското домаќинство ги добива од државниот буџет за финансирање на службени должности – како и финансиски извештаи за приватниот имот на кралот од Војводството Ланкастер и Војводството Корнвол, што Вилијам ги наследи кога стана принц од Велс.
Откриено е дека Војводството Корнвол, кое вреди околу 1,2 милијарди фунти, го прави принцот милијардер и платил повеќе од 20 милиони фунти данок откако станал принц од Велс. Покрај тоа, тој заработил 21,6 милиони фунти приватен приход во финансиската 2025/2026 година.

Личното богатство на кралот Чарлс III се проценува на 640 милиони фунти, според листата на богати луѓе на „Сандеј тајмс“, што е зголемување од 30 милиони фунти во однос на претходната година.
Исто така, беше објавено дека Вилијам одлучил дека повеќе нема лично да има корист од годишната кирија од 1,5 милиони фунти од напуштениот затвор Дартмур, кој се наоѓа во Војводството Корнвол.
Во 2024 година, беше откриено дека Војводството потпишало договор за закуп од 37 милиони фунти со Министерството за правда на Велика Британија во 2022 година, пред Чарлс да стане крал, а Вилијам да стане принц од Велс, за 25-годишен закуп на затворот, со годишна кирија од 1,5 милиони фунти. Исто така, имало договор со Министерството за одбрана за да ѝ се дозволи на војската да се обучува на земјиштето во Дартмур.
Сепак, затворот од категорија Ц во Девон е празен од јули 2024 година, откако во затворскиот сместувачки капацитет беа откриени високи нивоа на радон, природен радиоактивен гас што се формира во почвата и карпите и го зголемува ризикот од рак на белите дробови.
Следната година ќе биде лансиран фонд за регенерација управуван од заедницата, со цел да се донесат социјални, економски и еколошки придобивки за жителите на Принстаун, изолирана рурална заедница лоцирана веднаш до затворот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата