logo
logo
logo

(Видео) ГРАД НА ДУХОВИ - Од луксузен сон до најголемиот урбан неуспех!

Vecer | 14.04.2026

(Видео) ГРАД НА ДУХОВИ - Од луксузен сон до најголемиот урбан неуспех!

Потрошени милијарди, а градот наречен Форест Сити е речиси празен. Градот замислен како луксузна оаза и „град на иднината“ во Малезија требаше да привлече стотици илјади жители и да стане симбол на модерниот урбан живот. Наместо тоа, овој мегаломански проект се претвори во град на духови. Облакодерите се празни, додека на улиците и во трговските е тишина. Песочните плажи се долги и совршено уредени, но речиси никој не ги користи.

Кога беше претставен проектот, во 2016 година, се очекуваше дека луксузните станови ќе се продадат преку ноќ и дека ќе ги купат богати кинески инвеститори кои се во потрага по профитабилни недвижности. Иако првично постоеше интерес, комбинацијата од политичка нестабилност во Малезија, построгите контроли на капиталот во Кина и пандемијата значително ја забави реализацијата на проектот.

Дополнителен удар дојде од финансиските проблеми на главниот инвеститор. Кинеската градежна компанија „Кантри гарден“ западна во долгови, што придонесе комплексот луксузни станови да остане празен. Според некои статистики, во градот предвиден за 700.000 жители денес живеат само околу 9.000 луѓе.

Град на духови и нереализирани планови

Од 2016 година изградени се само околу 15 отсто од предвидената инфраструктура, а она што е завршено често не ги задоволувало највисоките стандарди за квалитет. На хартија, Форест Сити требаше да биде зелен и енергетски ефикасен град, но реалноста беше поинаква. Уништувањето на морскиот екосистем беше критикувано од еколозите.

Денес градот зрачи со чудна енергија и потсетува на напуштено одморалиште.

- Песочните плажи се долги и убави, но празни - се наведува во извештајот, а во трговските центри многу продавници и ресторани се затворени бидејќи едноставно нема промет.

За да се обиде да го оживее градот и да привлече меѓународни компании од областа на финансиите и технологијата, малезиската влада во 2024 година го прогласи Форест Сити за посебна финансиска зона без даноци. Иако неколку компании покажаа интерес за отворање свои канцеларии, останува да се види дали тоа ќе биде доволно за овој град на духови повторно да стане живописна урбана средина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk