Имплементацијата на системот за излез и влез на патници (EES) нема да започне истовремено во сите земји од Шенген зоната на 12 октомври, туку постепено, за да бидат целосно подготвени сите земји-членки.
Системот EES предвидува обврска за сите граѓани кои патуваат во земјите од Европската Унија да аплицираат преку посебна апликација, која се очекува наскоро да биде лансирана.
Апликацијата, додава тој, ќе биде бесплатна и ќе ги чува основните податоци за патниците: лични податоци, податоци за патни документи, како и датумите на влез и излез од ЕУ.
Најважната цел на овој систем е евиденцијата за престој во ЕУ, бидејќи правилата дозволуваат престој од максимум 90 дена во период од шест месеци.
Пречекорувањето на тој рок може да доведе до сериозни последици, вклучително и забрана за влез во Шенген зоната од три до пет години.
При регистрацијата, покрај основните податоци, ќе бидат побарани биометриски податоци - четири отпечатоци од прсти и биометриска фотографија, а доколку не е можно ова да се направи преку апликацијата, овие податоци ќе бидат земени при првиот премин на границата.
По првата регистрација нема да има потреба повторно да се внесуваат биометриски податоци - ќе биде доволно да се внесат датумите на планираниот влез и излез.
Ќе биде слично на тоа како се навикнавме да пополнуваме формулари за време на пандемијата COVID-19, верувам дека и овој систем брзо ќе се усвои меѓу патниците.
Покрај системот EES, планирано е и воведување на дозволата ETIAS (Европски систем за информации и авторизација за патување), која треба да се активира во март или април 2026 година.
Оваа дозвола ќе се наплаќа и ќе важи три години или до истекот на пасошот.
Цената на дозволата ETIAS првично беше објавена како седум евра, но сега се споменува износ од 20 евра. За разлика од системот EES, тука не се бараат биометриски податоци и регистрацијата се врши само за време на првата посета.
EES - Систем за влез/излез, е нов електронски систем воведен од Европската Унија со цел подобрување на граничната контрола и следење на движењето на државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген зоната.
Во контекст на EES, „државјанин на трета земја“ значи патник кој нема државјанство на која било земја-членка на Европската Унија, ниту државјанство на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија.
Затоа, овој систем е наменет за сите оние кои патуваат во Европа за краток престој и кои не се државјани на споменатите земји, вклучително и патници од земји како што се Македонија, САД, Велика Британија, Канада, Австралија...
„Краток престој“ значи престој до 90 дена во кој било период од 180 дена. Овој период се смета за единствен за сите европски земји што го користат EES.
EES ќе го замени рачното печатирање на пасошите на границата и ќе овозможи попрецизно следење на влезовите, излезите и евентуалните пречекорувања на рокот.
Системот се воведува за да се зголеми безбедноста, да се намали застојот на границите и да се спречат нелегални престојувања.
Системот EES ќе го воведат 25 членки на ЕУ (сите освен Кипар и Ирска): Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска, како и четири земји кои не се членки на ЕУ, а се дел од Шенген зоната - Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
На официјалната веб-страница на EES (https://travel-europe.europa.eu/ees/) беше објавено дека новиот систем за влез и излез (EES) ќе започне со работа на 12. октомври 2025.
Европските земји што го користат EES постепено ќе го воведат системот на своите надворешни граници. Ова значи дека собирањето податоци постепено ќе се воведува на граничните премини, со целосна имплементација до 10 април 2026 година.
Податоците што ги користи EES се податоци од пасош, биометриски податоци, отпечатоци од прсти и фотографија од лицето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата