logo
logo
logo

Космонаутите на НАСА ја напуштија МВС по непланираниот деветмесечен престој

Vecer | 18.03.2025

Космонаутите на НАСА ја напуштија МВС по непланираниот деветмесечен престој

 Астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Сани Вилијамс рано утринава ја напуштија Меѓународната вселенска станица (МВС) во капсулата „Кру драгон“ (Crew Dragon) на „Спејс-Икс“ (SpaceX), почнувајќи го своето враќање на Земјата, по непланираниот деветмесечен престој на Станицата.

Вилмор и Вилијамс отидоа на вселенската станица во јуни минатата година како прв екипаж на вселенското летало „Боинг старлајнер“, како дел од осумдневната пробна мисија. Но, нивната мисија на МВС беше продолжена поради технички проблеми со нивното вселенско летало. Проблемите со погонскиот систем доведоа до неколкумесечни одложувања, по што НАСА одлучи да ги врати на Земјата во капсула на „Спејс-Икс“. По слетувањето, астронаутите ќе бидат префрлени во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, каде што ќе бидат подложени на медицински прегледи пред да им биде дозволено да се вратат кај своите семејства.

Се очекува астронаутите да слетаат близу брегот на Флорида подоцна денеска.

Експертите објаснуваат дека долгиот престој во Вселената може да има физички последици, вклучувајќи и мускулна атрофија и можни проблеми со видот. Вилмор и Вилијамс минаа вкупно 286 дена во Вселената - подолго од вообичаените шест месеци за мисиите на МВС, но пократко од американскиот рекорд на Френк Руби, кој траеше 371 ден - поради дефект на руско вселенско летало.

Вилијамс ќе ја заврши својата трета вселенска мисија со вкупно 608 дена во Земјината Орбита, а тоа е второ најдолго време меѓу американските астронаути, зад Пеги Витсон, која поминала вкупно 675 дена во вселенскиот простор.

НАСА соопшти дека Вилмор и Вилијамс морале да останат на МВС додека не пристигне нивната замена за да го задржат потребниот број американски астронаути на станицата.

Астронаутите кои ќе ги заменат, четиричлениот екипаж на мисијата „Кру-10“, пристигнаа во петокот вечерта, со што во тој миг бројот на членови на екипажот на МВС беше 11. МВС, којашто орбитира над Земјата, на околу 409 километри надморска височина, работи речиси 25 години како меѓународна истражувачка лабораторија и клучна платформа за вселенска соработка на САД со Русија, Велика Британија, Јапонија и други држави коишто испратија свои астронаути во Орбитата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk