- Чест ни е да ве поканиме заедно да го прославиме празникот на големиот поборник за верата Христова и наш небесен застапник – Свети Григориј Палама, како и да присуствувате на еден значаен настан за целиот крај – осветување на нова камбана „Благовесник“, информираше сестра Ефимија.
Според неа денеска попладне, во 18 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.
- Утре во 07:30 часот ќе започне утрената богослужба. Божествената Архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот, и со неа ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата свештенослужители од нашата света Обител, додава сестрата.
По завршување на Божествената Литургија ќе биде извршен чинот на осветување на новата камбана „Благовесник“ – донација на Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија во Куманово.
-Со ова големо ѕвоно ќе биде надополнет стариот сет бигорски камбани, дарувани од српските кнезови Петар и Андреј и од кралот Александар I Караѓорѓевиќ, коишто, со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, беа обновени и ставени во употреба во манастирот на Свети Георгиј во Рајчица, посоли сестрата.
Нагласи дека благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со "братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон проповедникот на благодатта, Свети Григориј Палама".
Богослужбите ќе се отслужат во параклисот на Свети Григориј Палама во манастирот во Рајчица, додека осветување на камбаната ќе биде во манастирскиот двор. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата