Познатиот остеопат Џејмс Дејвис тврди дека поголемиот дел од болката во грбот се јавува поради често седење и недостатокот од физичка активност. Во својата книга “Back in ten“, Дејвис наведува метод на вежбање од 10 минути кој може да го подобри вашето здравје и да ги намали болките во грбот.
Со оглед на тоа што повеќето од неговите пациенти имале проблеми со болки во грбот предизвикани од седечки начин на живот, Џејмс развил метод за нивно ублажување. По само 10 дена, ќе ја почувствувате разликата, тврди експертот. Треба да одвоите само 10 минути од вашиот ден, а грбот ќе ви биде благодарен.
Секако, пред да го пробате овој 10-минутен метод за ублажување на болките во грбот, важно е да знаете дека силната болка бара професионална медицинска помош. „Овој метод е наменет за лесна до умерена болка поврзана со начинот на живот. Ако болката е 8 од 10 или полоша, или ве спречува да се движите, задолжително посетете лекар. Ако имате вкочанетост, пецкање, слабост или болка што се протега надолу по ногата, не игнорирајте го тоа. Ако почувствувате дека губите контрола на мочниот меур или цревата, или вкочанетост во карличната област, тоа е итна ситуација. Ако болката е предизвикана од пад или повреда, или ако се влоши и не исчезнува, посетете професионалец.“ Болката во грбот и вкочанетоста се едни од најчестите видови болка и најчесто се резултат на предолгото седење и недвижење.
3 минути движење: Легнете на грб, повлечете го едното колено кон градите, па другото. Потоа ротирајте ги колената лево и десно. Ова ќе го намали чувството на вкочанетост во грбот.
2 минути одмор: По оваа вежба, останете во лежечка положба, но кренете ги нозете на стол или повлечете ги двете колена кон градите. Опуштете се и дишете полека.
3 минути вежбање: Станете на сите четири и паралелно кренете ја спротивната рака и нога. На овој начин го зајакнувате 'рбетот, кој за само 10 дена ќе стане посилен и поиздржлив.
2 минути одмор: Опуштете се две минути масирајќи го долниот дел од грбот. Дишете полека и контролирано за да ја намалите напнатоста во тој дел од телото. По само 10 дена, треба да почувствувате разлика во болката.
Поголемиот дел од болките во грбот не се јавуваат ненадејно, туку се развиваат преку лоши навики и недостаток на движење, па затоа превенцијата е важна. „Пред сè, движете се секој ден. Вашиот грб е создаден да се движи. Најголемиот проблем што го гледам е останувањето во иста положба долго време - на биро, на кауч или во автомобил. Не ви треба напорен тренинг - само станете, прошетајте, истегнете се и редовно менувајте позиции. Не станува збор само за грбот. Глутеусите, трупот и колковите му даваат поддршка на ‘рбетот. Ако се слаби, грбот трпи преголемо оптоварување.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата