Но, за жал, за многу луѓе кругот на семејството може да стане извор на болка, манипулација и длабоки емотивни рани. Токсичните обрасци во семејството понекогаш е тешко да се препознаат бидејќи доаѓаат од вашата природна средина која се поврзува со љубовта и припадноста.
Кога однесувањето во семејството вклучува постојано понижување, прекршување на границите или емоционална уцена, неопходно е да се стане свесен за таквата динамика. Психотерапевтот Маја Ушиоко сподели неколку клучни знаци кои може да укажуваат на нездрава семејна динамика.
1. Постојана критика и омаловажување
„Кога членовите на семејството постојано ги понижуваат децата, ги омаловажуваат нивните достигнувања или негативно ги споредуваат со другите, тоа остава длабоки емотивни лузни. Таквото однесување не е форма на конструктивна критика, туку форма на токсично намалување на вредноста на личноста“, објаснува Ушиоко преку објава на Инстаграм.
2. Непочитување на границите
Ако децата јасно ги изразуваат своите емотивни и лични граници, а членовите на семејството упорно ги прекршуваат, игнорираат или исмеваат, тоа укажува на недостаток на почит кон нивните потреби и чувства. Здравите односи се засноваат на взаемно почитување на границите, тврди психотерапевтот.
3. Префрлање на одговорноста
Ушиоко наведува дека знак за емоционална манипулација и одбивањето да се преземе одговорност за сопствените постапки, односно, кога возрасните членови на семејството ги обвинуваат децата за сопственото однесување, велејќи дека „така постапиле поради нив“.
4. Казнување со молчење
Воздржувањето од комуникација со цел детето да се казни или контролира создава емоционален стрес и поттикнува нездрав модел на односи.
5. Манипулација со реалноста
Речениците како „Тоа никогаш не се случило“ или „Ти си пречувствителен“ може да ги натераат децата да ги преиспитуваат сопствените перцепции и чувства.
6. Предизвикување чувство на вина прикриено со грижа
Фразите како „Ти го посакувам најдоброто“, доколку се придружени со емоционална уцена, всушност може да бидат тактика за предизвикување вина. Кога грижата се користи како оружје, таа станува форма на емоционален притисок.
7. Одбивање да се преземе одговорност
Ако членовите на семејството никогаш не ги признаваат сопствените грешки или не се извинуваат, туку секогаш ја префрлаат одговорноста на децата, ова е јасен знак за емоционална незрелост и токсичност.
„Понекогаш е најтешко да се признае дека нешто не е во ред. Постојаното критикување и предизвикување чувство на вина, непочитување на границите може да остави последици кои тешко ќе се надминат. Но, освестувањето на тие обрасци е прв чекор кон нивно прекинување. Можете да го сакате своето семејство, а истовремено да изберете сопствен мир. Воочувањето на овие знаци не значи обвинување, туку заштита на сопственото ментално здравје и создавање простор за здрави односи“ - заклучува оваа жена психотерапевт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата