Просечната нето-плата во Македонија бележи значителен и реален раст кој директно ја зголемува куповната моќ на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Повикувајќи се на официјалните статистички податоци, Стојаноски направи споредба меѓу март 2024 година, кога просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, и март 2026 година, кога таа достигнала 48.433 денари.
„Тоа значи дека за само две години просечната нето-плата е зголемена за близу 8.000 денари, односно за високи 19,6 проценти“, нагласи Стојаноски.
Според него, клучниот показател за успехот на економските политики на Владата е фактот што платите растат значително побрзо од трошоците за живот. Во истиот двегодишен период, растот на цените изнесувал 7,8 проценти, што значи дека кога растот на платите ќе се коригира со инфлацијата, реалното зголемување на просечната плата изнесува речиси 11 проценти.
Стојаноски порача дека овие бројки не се само сува статистика, туку потврда дека приходите на вработените реално вредат повеќе.
„Нашата цел останува јасна: платите да продолжат да растат побрзо од цените, да се отвораат подобро платени работни места и граѓаните да имаат повисок животен стандард“, заклучи пратеникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата