logo
logo
logo

ПРЕСПА КРИЕ МНОГУ ТАЈНИ Откриени се 11 НОВИ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТИ со зачувани органски наоди од крајот на 13 до крајот на 14 век

Vecer | 16.12.2025

ПРЕСПА КРИЕ МНОГУ ТАЈНИ Откриени се 11 НОВИ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТИ со зачувани органски наоди од крајот на 13 до крајот на 14 век

Истражувањата, реализирани во рамки на проектот ACT4PRESPA, се резултат на заедничка работа на Заводот и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“. Целта на проектот е идентификација, документација и заштита на археолошкото наследство во и околу Преспанското Езеро.

Станува збор за први подводни археолошки истражувања спроведени во Преспанското Езеро, при што се откриени ретки органски материјали и нови податоци за животот на средновековните заедници. Во првите две фази, стручниот тим го истражувал целиот македонски дел од преспанското крајбрежје – од границата со Грција до границата со Албанија.

„Ова е исклучително важен момент за Преспа. За првпат систематски навлегуваме во археологијата на езерото и откриваме слоеви од минатото кои досега биле целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.

Поради повлекувањето на нивото на водата, дел од локалитетите излегле на суво, што овозможило спроведување сондажни археолошки истражувања кај Наколец. Таму е откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки наоди. Особено значајни се предметите изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи, кои претставуваат редок и единствен пример за зачувани органски наоди од периодот од крајот на 13 до крајот на 14 век.

„Зачувувањето на органските материјали е навистина извонредно. Тињата и милот на езерото создаваат средина без кислород, што ги штити предметите од распаѓање и ни овозможува уникатен увид во секојдневието на тогашните заедници“, објаснува Петров.

Првичните анализи покажуваат дека средновековното население во Преспа претежно се занимавало со земјоделство, а не со риболов, сознание кое изненадува со оглед на непосредната близина на езерото. Податоците исто така сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото имало значително помала површина.

Според д-р Мери Стојанова од Завод и музеј – Битола и координаторка на проектот ACT4PRESPA, откритијата кај Наколец имаат исклучително значење не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. „Овие наоди го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат сериозен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, истакнува Стојанова.

Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски и научни анализи во Центарот за археологија во Лајбниц, Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што наодите ќе бидат презентирани пред јавноста.

Проектот ACT4PRESPA се реализира во рамки на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, со партнери од Северна Македонија, Грција и Албанија. Истражувањата се спроведуваат и со активна поддршка од локалната заедница, која пријавувала пронајдоци и помагала во заштитата на локалитетите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk