logo
logo
logo

Д.П. Латас

Живот ли е кога Македонецот зависи од една нула

Vecer | 30.08.2025

Живот ли е кога Македонецот зависи од една нула

Да почнеме школски, од корен, како што е ред. Доказната постапка е Аритметика. Аритметика, или теорија на бројките, е составена од четири операции: Собирање, одземање, множење и делење. Иако во Вавилон постои 2.000 години пред Исус, денес познатата аритметика е создадена кај античките Грци, од Питагора до Еуклид и Никомах. Што значи, по теоријата за античкото потекло на Македонците, дека е македонски производ.

Имала само една маана, во таа аритметика го немало бројот нула, тој после е додаден, во хеленистичкиот период, и така комплетиран преземен од Западот. Тоа за нас се покажало фатално бидејќи ние, научени на старата македонска аритметика рачунаме, рачунаме... и после од Брисел сето тоа ќе ни го помножат со нивната новосоздадена нула и не враќаат на патос. На почеток.

И така таа маана со незнаење дека и нулата постои, и битна е, се пренесува од генерација на генерација Македонци. Милиони нули, што од нула луѓе а што нула идеи, се провлекуваат во животот, политиката... незабележано. Ако застанат пред некој број кој вреди и него го претвораат во ништо, ако се зад него му додаваат поголема вредност. А ние не забележуваме бидејќи нулите не ги рачунаме.

Затоа, наместо теорија дека потекнуваме од античките Македонци време е да развиеме нова теорија дека потекнуваме од античките Кинези. Они ем имале нула во Алгебрата ем, први, вовеле и негативни броеви со што би се комплетирал моделот за рачунање предности, вредности и маани во нашата политика.

Но, од Брисел не даваат да се кинезира никој на Балканов, и тука имаме тежок политички проблем. Иако Брисел и европјаните имаат милијарди кинески инвестиции кај себе. Без кинескиот модел на рачунање ние остануваме по старо. Рачунање секаде, особено во политиката, без нула во низата броеви, и без негативни бројки. А таа и таква математика е по дифолт и секогаш – погрешна.

Ете, мој мал придонес, да се покаже и математички прецизно докаже, дека во нашето општество, особено во нашата политика, постои фабричка грешка.

Доказната постапка низ примери е бесконечна, но да ги земам само најновите.

Само во Македонија медиумите од поштен човек прават лопов, а од лопов прават успешен политичар.

Последниот пример ми е “шарената револуција“ и последиците од таа катаклизма. “Невладините“ и нивните медиуми, што домашни а богами имаше и странски, од пар екселанс лопужа и битанга Зоран Заев со години создаваа “храбар политичар кој го прави тоа што другите се плашат да го направат“. На пример промена на уставно име на државата и нацијата со правно и физичко насилство врз пратеници кои треба да глаасаат и неистомисленици од сите редови на општеството. Заклучно со пресуди за “тероризам“ од 27 април.

Со поддршка на истиот З.З. и неговата банда да извршат “чистка во правосудството“ а на чело на комисијата за чистка на обвинители и судии да се постави сам себе спомнатото лице Зоран Заев. Да се создаде СЈО, вон уставна институција, за која се пееа песни, се глорифицираа “трите грации“ на СЈО кои топтан заедно завршија како криминална банда против која има и кривични пријави кои, тие самите сега преселени во Јавно обвинителство, ги држат во фиока за да нема истрага, а ги гонат обвинителите на кои предметот им е доверен.

Да ја метастазираат корупцијата до ново најкорумпирана држава во Европа после Украина. Да потрошат над 20 милијарди евра од буџет без ниеден завршен проект. И се е јасно, како бел ден, математички прецизно докажливо а цената на таа хистерија ја плаќа секој од нас од свој џеб и од свои живци. Дури и лигушот од Левица, Апасиев, се откажа од “шарената револуција“ и СЈО за да премине кај ДУИ и СДСМ за возврат добивајќи функции во градот Скопје.

И што? Дали се отклонети последиците од таа “шарена револуција“ и од СЈО, од кои навидум се откажаа и нивните наголеми промотери. Не. Обвинителите од СЈО и понатаму во судница обвинуваат други за криминали а нивниот фаќа прашина во фиоки. Корисниците на “шарената револуција“ кои напредуваа со милиони коруптивен кеш или на функции и создадоа мега корупција се тука, ги има и во Собранието.

Венко Филипче нуди поштење и иднина!!! Он нуди! И сепак се наоѓа по некој што го следи. Веројатно невакциниран од Ковид затоа што Венко фатен во корупција вакцините ги донесе три месеци подоцна па сега го поддржуваат тие што невакцинирани преживеале и чекаат да ги провози на јахта или да ги носи на викенд во Дубаи. Апасиев продава магла и од заработено купува деловни простории, скапи коли. А кој магла купува од него дома носи воздух ставен во празен фрижидер убеден дека и од магла се живее. Има и такви, има.

Поради голем интерес за зачленување во СДСМ Соросоидите формира нова “независна“ партија за наредните избори за да ги задоволи потребите - пари веќе обезбедуваат. Ќе се организира донаторска конференција во Брисел за собирање пари, со цел надомест за штетите по поразот на локалните избори.

А јавноста? Публиката која силно свиркала и дофрлувала вчера може да аплаудира денес - и тоа за иста претстава... Не сметајте на нивната принципиелност.

Дефинитивно, ние тераме стара аритметика, онаа во која нема нула во низата броеви и сите рачуници излегуваат со неточен резултат. Да е поинаку одамна ликови како Филипче или Апасиев био биле помножени со нула и би исчезнале од политика.

Со која аритметика да се најде објаснување кој нормален, после се, на било кои избори, би можел да гласа за Заев, Венко Филипче, за Апасиев... По која логика, од кој интерес за себе и фамилијата, со кои очекувања кога го измамиле и ограбиле стопати?

Пластичен хирург обезбедува враќање на политичка невиност на познати кадри од ДУИ, Левица и СДСМ. За шефовите е гратис, а за другите може и на рати. Некому ќе се зафати, друг ќе наебе надуен во бузите но, меракот е скапа работа. И така “пластично обработени“ ликовите од СДСМ, ДУИ и Левица ќе се појават на наредните избори убедени дека нема никој да ги препознае. Дека се некои други, “невини“.

Нешто фали кај нас, дај Боже да е само застарената Аритметика и рачунање со систем кој има фабричка грешка. Систем на кој му фали нула. Да ја имавме нулата во нула ќе беа куп ликови од СДСМ, ДУИ и Левица.

Прав Македонец се мрази со комшија, се суди со фамилија, не збори со брат ради пари ама насекаде тврди дека сме мирољубив и топол народ. Македонците се супер другари дур не му тргне на другиот! И тоа е тоа, тој Македонец сега ќе излезе на избори и ќе чека нова конзерва со магла купена од СДСМ, ДУИ и Левица.

Ако некој мисли поинаку, ќе си ги провериме ставовите некаде на почеток на ноември, кога ќе завршат локалните избори. Ќе видиме колку луѓе гласале за ДУИ, Левица и СДСМ.

Ако сите три заедно имаат повеќе од 50.000 гласачи, што е 5% од потенцијалиот број на излезените гласачи,  тогаш сме во голем проблем, сите ние што живееме во државава. Тоа е значи дека треба длабоко да се преиспита општеството дали воопшто на нас ни треба систем кој се нарекува државен, и дали гласањето со повеќе од 50.000 гласа топтан за сите тие три партии заедно е фактичко колективно преземање на нивната кривица како своја. На нивната корупција како своја, На нивните измами како свои. На нивните судии и обвинители како свој избор, на нивните поништувања македонска нација, држава и уставно име како своја одлука... Сето тоа да го преземеме на свој грб и своја душа, а на нив да им ги оставиме јахтите, становите во Дубаи, деловните простори, трговските центри како Соравија и милионите евра во странски банки...

Дали тоа значи дека лудаците ја преземаа лудницата под своја управа.

Д.П. Латас (30. 08.2025)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk